Карневалот „Прочка“ по 17-ти пат во Прилеп

0
599

Прилеп е подготвен за 17-то издание на меѓународниот карневал „Прочка 2018“, кој ќе се одржи денеска и утре. На карневалската манифестација, велат од општината Прилеп, ќе учествуваат повеќе од 1.000 натпреварувачи од земјава и од странство. Во официјалниот натпреварувачки дел ќе учествуваат групи од градови и општини што ги негуваат карневалските традиции, меѓу кои Будва, Бања Ковиљача, Врњачка Бања, Лесковац, Белград, Бол, Шабац, Бела Црква, Корча, Перник, Мокриево, Куратица, Бегниште, Кавадарци, Ратево, Струмица, Радовиш…
Манифестациите за карневалот „Прочка 2018“ започнаа вчера со изложбата на маски што ги изработија учениците од прилепските училишта. Денеска на програмата е детскиот карневал, на кој ќе се претстават ученици до 14 годи­­ни од основните училишта, кои подготвија групни маски со автентична кореографија.

– В недела, со почеток во 13 часот, ќе се одржи централната манифестација на карне­­­­­­валот. Учесниците ќе имаат свој настап пред комисијата што ќе ги избере најдобрите маски по категории, кои ќе бидат наградени со парични награди и дипломи што ги доделува здружението „Прилепски мечкари“. Делегација на Европската федерација на карневалски градови, во присуство на претседателот Хенри ван дер Крон, ќе го следи официјалниот дел на карневалот. За сите официјални гости, карневалската забава продолжува вечерта, во 21 часот, во ресторанот на хотелот „Липа“. Карневалот има своја туристичка димензија, затоа ги поканувам сите љубители на карневали, маскенбали и забава со маски, да уживаат во забавата што ја нуди годинешното издание на „Прочка 2018 – вели градоначалникот Илија Јованоски.
Претседателот на здружението „Прилепски мечкари“, Ванчо Ѓорѓиев, вели дека во Прилеп работат и други групи, кои подготвуваат современи маски од прилепското поднебје.
– Паралелно со нашите „Прилепски мечкари“ работат уште неколку други групи, кои 16 години подготвуваат современи маски. Оваа година премиерно ќе се прикаже една маска на здружението „Прочкари“ каква што досега не е видена на овие простори – вели Ѓорѓиев.

novamakedonija.com.mk