Катимерини: Главни пречки во спорот се Уставот и правната рамка

0
502

Ревизијата на „иредентистичките“ одредби од Уставот, а посебно правната рамка на решението  остануваат главна пречка за да се дојде до решение меѓу Атина и Скопје,  по вчерашните разговори на министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас, со посредникот во разговорите Метју Нимиц, пишува грчкиот весник „Катимерини“. Според дипломатски извори,  Катимерини пишува дека за  Атина би било идеално ако соседната земја го ревидира членот 49 од Уставот . Во Уставот на Република Македонија во членот 49 пишува:

-Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.

Сепак, останува нејасно зошто на Грција би и пречел овој член од Уставот, кога македонското Собрание уште во 92 година,изгласа амандман на овој член на Уставот, по барање на грчката страна и во консултации со францускиот експерт Бадентер. Со амандманот на овој член, Македонија се обврза дека „Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

По ваквата интервенција во Уставот, беше потпишана Времената спогодба и од страна на Грција.

По трипартитната средба во Виена,  грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас изјави : “Напишавме во детали она со што се согласуваме и со што не се согласуваме. Ги идентификувавме главните прашања за секоја страна и се надевам дека на нашиот следен состанок ќе бидеме подготвени да направиме голем чекор “, рече Коѕијас, без да  даде детали за овој „голем чекор”.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров оцени дека се повеќе тешкотии излегуваат на виделина. „Има условен напредок во преговорите, бидејќи како одиме напред доаѓаме до потешките прашања. И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина, изјави Димитров.

Коцијас и Димитров ќе се сретнат повторно веднаш по Велигден (8 април), а доколку се утврди дека има простор за напредок во разговорите не треба да се исклучи можноста и за контакти на највисоко ниво.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров најави дека Владата ќе свика лидерска средба за да ги информира сите политички фактори во земјава за текот на разговорите.

novatv.mk