Католиците го слават Велигден

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Верниците на Римокатоличката црква во овој викенд го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден.

Традиционално, централното одбележување по повод празникот е вечерва, во католичката црква „Пресвето срце исусово“ во Скопје, кога се одржува велигденската воскресна литургија.

Се читаат библиските записи на свечената света миса, а верниците ќе припомнат на сите божји добродетелства низ човечката историја, како и на едно од неговите најголеми добродетелства, дека починал за нашите гревови и по три дена славно воскреснал.

Од Католичката црква во Македонија велат дека Исус Христос во одредено историско време бил измачуван и распнат, убиен и погребен во Ерусалим, но според нив, факт е дека смртта над него немала последен збор.

– Сам навести, а и сета историја на верувањето стави акцент, дека воскресна. Неговото материјално битие излезе од законот на нашата физика и во преобразеното тело и денес е присутен. Разбирливо е дека поединостите на таквото тело нам не ни се познати, но тоа што со очите на верата го гледаме и со душата веруваме нѐ прави денес среќни, бидејќи е врв, а и извор на нашата вера дека Христос е жив, воскреснат, прославен и сега е меѓу нас – објаснуваат од Католичката црква.

Бискупот Киро Стојанов, првиот човек на Католичката црква во Македонија, во пораката за Велигден на католичките верници им порачува дека не само што радоста им е збогатена со празнувањето на овој ден, туку и што во ова воскресно време, во Македонија во пасторална посета доаѓа папата Франциск.

– Нека доаѓањето на папата, на секој верник и на секој човек во нашата татковина ги зајакне чекорите за мир, сигурност во животот и надеж за подобро утре. Со тие мисли се среќаваме во славата на воскресението на нашиот господ, Исус Христос, што нѐ прави способни да можеме искрено да порачаме: „Не бој се, стадо мало!“. Небесниот отец ви го предаде царството на животот. Христос воскресе! – порача бискупот.

Share.