Кембриџ програмата отпаѓа

0
2323

Наставниот час до петто одделение ќе трае 55 минути, односно 40 минути за учење и 15 за одмор, а одморот ќе биде даден кога било во рамки на тие 55 минути, според проценката и одлуката на наставникот. На одморите ќе имаат слободни активности и игри, а барем еден од нив треба да биде надвор од училницата зашто хиперактивноста и агресијата кај децата се јавува поради нивната затвореност и долго седење во училиницата. На часовите по физичко покрај одделенскиот наставник ќе биде воведен и стручен наставник.

Според наставните планови и програми на Министерството, учениците до трето одделение нема да имаат повеќе од четири часа дневно. Со тоа ќе се намали времето што децата ќе го поминат на настава, а ќе се зголеми времето за одмор.

Во овој предлог се предвидува и намалување на бројот на тестирањата со цел да се создаде ефикасен систем на следење, вреднување и проверување на постигнувањата на учениците.
Учениците од прво до трето одделение ќе имаат пет предмети: мајчин јазик, математика, светот околу нас, уметност и физичка култура.

Предлог измените на наставните планови и програми за основно образование ќе се стават на јавна дебата. Доколку има различни мислења за нив, измените ќе бидат пилот-проекти во неколку училишта со што ќе согледа нивната ефикасност.

Со усвојувањето и примената на новите наставни планови, повеќе нема да важи наставната Кембриџ-програмата, но адаптираните учебници од Кембриџ за прво одделение ќе може да конкурираат заедно со учебници од домашни автори ако соодветствуваат на новата наставна програма.