Кинеската вселенска станица Тиангонг-1 падна на Земјата

0
471

Вселенската лабораторија Тиангонг-1 влезе во атмосферата на Земјата рано утрово (00:15 часот по Гринич), слетувајќи среде Јужен Пацифик, соопшти кинеската вселенска агенција, пренесе Би-би-си.

„Повеќето делови изгореа во процесот на повторно влегување (во атмосферата)“, рече агенцијата.

Вселенската станица, чие име значи „Небесна палата“, беше лансирана во септември 2011 година како прототип за крајната вселенска цел на Кина: постојаната вселенска станица, Тиангонг-3, се очекува да биде лансирана околу 2022 година.

Уништувањето на Тиангонг-1 го привлече вниманието на јавноста во последниве неколку недели, додека научниците од целиот свет го следеа нејзиниот неконтролиран пад.

„Се случи токму она што се очекуваше, предвидувањата, барем оние од последните 24 часа, беа сосема погодени, и како што се очекуваше, падна во празен простор и не предизвика штета“, рече Џонатан Мекдауел, астрофизичар на Харвард- Смитсонијан Центарот за астрофизика.

Мекдауел рече дека е мала веројатноста да има аматерски слики од влегувањето на станицата во атмосферата со оглед дека било ден на Пацификот кога се урна на Земјата. Научниците претходно велеа дека може да се види како вселенското летало гори во „серија од огнени топки распослани низ небото“.

mkd.mk