„Сите кои го кочат европскиот пат, им ја одземаат можноста на македонскте граѓани да живеат достоинствено, конечно неизвесноста да ја заменат со предвидливост, а македонскиот стандард на живот да стане европски животен стандард“ вели премиерот Димитар Ковачевски во интевју за „Цивил“.
Тој додаде дека нема да дозволат нова блокада, а тој што не ги сака евроинтеграциите, има други цели, различни од стартешките цели на нашата држава и не знае како да го води овој процес, треба да се тргне сам или ќе биде тргнат од граѓаните на избори.
„Имаме зацртан пат. Ние сакаме и знаеме како. Ги започнавме преговорите со ЕУ минатата година, по голем застој заради изолациските политики на еден недемократски, 10-годишен режимски систем. И со обединувањето околу европската цел во периодот што претстои, ќе осигураме, до 2030 година, Република Северна Македонија да биде европска Република Сверна Македонија, затоа што македонските граѓани тоа и го очекуваат и го заслужуваат“ рече Ковачевски.
„Планот за раст на Западен Балкан е во суштина резултат на барањата на Владата да добиеме пристап до привилегии од зачленувањето во ЕУ, уште пред тоа формално да се случи, односно додека траат преговорите. И еве се случи“ рече премиерот.
Тој додаде дека овозможена ни е финансиска помош за реализација на реформите што се најпотребни за евроинтеграцијата.
„За прв пат имаме резервирани пари за реформи. За првпат ни се отворени можности за вклучување во програми, во коишто не сме биле вклучени досега. Се овозможува на државите од Западен Балкан да се поврзат, преку спроведувањето на реформите по европскиот пат. И многу важно за граѓаните и компаниите, со Планот за раст е овозможен пристап до европскиот заеднички пазар. Што значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на Единствениот европски пазар и пред нашето официјално членство во ЕУ“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека тоа е пазар од половина милијарда луѓе, што отвора реална шанса за нови вработувања, повисоки плати, професионалност, конкурентност и го носи напредокот дома, што го посакуваат македонските граѓани, над 30 години од независноста на државата.
„Со ставањето во функција сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата, го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ наместо законски предвидените 60% производство на електрична енергија, обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека образовните институции, болниците и комуналните дејности беа вратени на регулираниот пазар со што се намалија нивните трошоци за работа.
„И да напоменам, дека во споредба со претходната грејна сезона, оваа реализиравме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45% кога никој не веруваше во тоа и кога скептиците велеа дека во текот на јануари и февруари оваа година ќе останеме без електрична енергија“ рече Ковачевски.
Премиерот кажа дека активиран беше и ТЕЦ Неготино, кој 15 години не работеше, но сега стана клучна електрана за справување со енергетската криза.
„Ги активираме хидропотенцијалите, мотивираме употреба на обновливите извори на енергија, како што е поставувањето фотонапонски панели – за што ги олеснивме процедурите за нивно поставување, како за граѓаните, така и за компаниите“ рече Ковачевски.
„Од првиот ден на Владата која јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија, што е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува. Ова постигнување го признаваат и во Светска банка и во Европска банка, само има неколку скептици во земјава не го признаваат ама го преќутуваат бидејќи не можат да го негираат“ рече премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека до 2016 година во нашата држава за целиот мандат на сите претходни влади имаше инсталирано само 16 мегавати обновливи извори на енергија, од соларни централи.
„Факт е дека благодарение на тие 600 мегавати обновливи извори на енергија, денес се снабдуваат со чиста енергија 166 илјади домаќинства во државата. Исто така, поради ова, и поради оваа политика која ја направивме и спроведовме овозможивме враќање на евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот со тоа 1.000 денари месечно заштедуваат домаќинствата. Тоа е работа на една Влада која има јасна стратегија, која има јасна цел и која знае како да ги спроведе стратегиите кои што ги пишува“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека да не беше субвенцијата од државата сметките на граѓаните што ги плаќаат ќе беа дуплирани за електрична енергија.
„Сето ова, успеавме да го реализираме за краток рок, а имаме планови и за среден и долг рок со што нашата држава станува енергетски независна“ рече Ковачевски.












