После 9-ти мај ќе прогласиме победа на европската коалиција ќе формирараме европска влада со која што Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ, рече премиерот во оставка, Димитар Ковачевски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија.
„Апсолутно дека останувам на тоа и потврдата доаѓа што на првото интервју во јануари пред 2 години кажав дека ќе бидам премиер 12 години, тоа значи уште уште 10, меѓутоа тогаш се сеќавате дека опозицијата но и голем број аналитичари велеа дека се работи за човек кој што е неискусен, оваа влада нема да трае повеќе од 3 месеци, опозицијата рецитираше секој март, септември и декември дека ќе има предвремени избори, јас и тогаш кажав дека оваа влада ќе го заврши мандатот во целост и дека ќе одиме на редовни избори. Тоа и се случи и еве го остваривме нашиот мандат така како што е предвидено со закон и после 2006 година прв пат имаме редовни избори. Така да после 9-ти мај тоа е денот на Европа, на истиот ден ќе прогласиме победа на европската коалиција и повторно ќе се формира европска влада со која што Северна Македонија ќе стане земја членка ЕУ,“ истакна Ковачевски осврнувајќи се на првото интервју пред 2 години, на истата емисија.
Во врска со информациите во јавноста дека премиерот Ковачевски побарал од спикерот на собранието Џафери да ги остави празни местата во предлогот за министри на ВМРО-ДПМНЕ Ковачевски посочи дека на таа тема тие воопшто немаат разговарано.
„Мојот став беше апсолутно принципиелен исто како што беше и ставот на некои политичари како што е претседателот Пендаровски доколку го следевте во текот на изминатите денови. Значи прво нема случај во светот каде што некој да учествува во влада а да не ја гласа таа влада, има случаи каде што некој не учествува во влада а ја гласа, ние овде имаме случај каде што некој учествува, а не гласа за своите министри,“ посочи Ковачевски.
СДСМ е демократска, прогресивна партија која што покажа дека е фактор на стабилност, фактор на разумот, заедно со коалиционите партнери, вели тој.
„Во 2016 година во месец јануари ВМРО-ДПМНЕ предложи техничка влада со мандатар Емил Димитриев без да бидат исполнети обврските од Пржинскиот договор. Министрите ги номинираше мандатарот и беа предложени. Меѓутоа со оглед на тоа дека не беа исполнети условите од Пржинскиот договор истите веднаш после тоа поднесоа оставки и продолжија преговорите. Доколу се сеќавате Собранието кое што беше распуштено се консултираше повторно и потоа во септември беа предложени министри од СДСМ и тогаш беше изгласана влада во која што учествуваа министри на СДСМ и кои што беа поддржани од сите политички партии кои што учествуваа во таа техничка влада, мислам дека 95 гласа имаше таа влада во септември 2016година. Не е исто, меѓутоа СДСМ е демократска партија, прогресивна партија која што покажа во текот на сите овие 32 години дека е фактор на стабилност, дека е фактор на разумот заедно со коалиционите партнери во државата,“ рече премиерот во оставка, Димитар Ковачевски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија, во врска со изборите во 2016 година кога имаше техничка влада.
Кандидатот за претседател што СДСМ ќе го предложи е кандидат кој што ќе има јасна евроатлантска визија за државата, рече Ковачевски.
„Не сум имал разговори со албанската опозиција, јас секогаш кажувам со кого имаме разговори со кого немаме, меѓутоа сметам дека сите оние кој што се за Европска Македонија и кои што се за поддржување на евроинтеграцискиот процес на државата како врвен стратешки унитет и цел на државата треба да поддржат кандидат кој што е со такви цели. Кандидатот кој што СДСМ ќе го предложи ќе биде токму таков, кандидат кој што ќе има јасна евроатлантска визија за државата, кој што ги почитува правата на сите поединци, граѓани на државата без разлика на нивната припадност и по друга основа, ги почитува меѓународните договори на државата и соседите и другите договори, кој што ќе го унапредува нашето место и членство во НАТО и кој што исто така ќе се залага и ќе се бори за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, и кој што исто така ќе биде на браникот на демократијата на браникот на демократските процеси на браникот на слободата на медиумите во државата, така како што тоа го прави сегашниот претседател, кој што е предложен од СДСМ,“ рече премиерот во оставка, Димитар Ковачевски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија, како одговор на прашањето дали СДСМ има разговори со албанската опозиција за тоа да застанат зад нивниот кандидат за претседател.
На прашањето „што во случај да добие мандат Мицкоски прв да формира влада, а не успее бидејќи има дилеми во неговиот коалициски капацитет, дали вие би се нафатиле да формирате влада со сите албански политички партии,“, Ковачевски одговори дека не може да се каже со сите или со ниедна политичка партија, како и дека не се согласува со поделбата по етничка припадност.
„Ние ќе формираме влада која што ќе ја внесе Република Северна Македонија во ЕУ до 2030 година. Северна Македонија на 8 ми мај ќе има проевропска влада, која што има јасна визија. Прво во СДСМ секогаш се знаело што е одговорност, секогаш и секој лидер на СДСМ точно знаел што е одговорност, меѓутоа треба да знаете уште една работа дека најдемократска партија во државата е СДСМ, без разлика на исходот од изборите ние имаме избори за претседател пред крајот на 2024 година. Бидејќи ние сме единствена партија која што претседателот на партијата се бира на непосредни избори од страна на сите членови ,“ посочи Ковачевски.











