Граѓаните и домаќинства зимава ќе имаат струја, а компаниите ќе се снабдуваат по поевтина цена од берзанската, кажа премиерот Димитар Ковачевски после денешниот состанок на Советот за безбедност
„Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија оваа година ќе го зголемиме за 25 %. И реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред се и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода.
Во најтешкиот период за нас кој започнува на 01.10 до следниот април односно април идната година и понатаму до почетокот на летото на сите македонски граѓани дома на сите ученици, и студенти, на сите микро, мали и средни бизниси да им обезбедиме најниска можна цена на електрична енергија, најниска можна цена и непречено снабдување со топлинска енергија, воопшто енергија за нивните потреби каде и да се, кога и да е! По сегашната цена, со задржување на евтината струја и со гаранција за 24 часа целосна достапност!
За средниот и големиот бизнис, како што беше побарано од стопанските комори, сегашните домашни повластени производители на струја, ќе продолжат да работат за истата пониска тарифа за слободниот пазар, цена која е далеку пониска од берзанските цени. Берзански цени кои се во постојан раст заради недостатокот на електрична енергија на европскиот континент.
Ние во изминатиот период работевме да ги одржиме работните места, нашите компании и производот кои тие го создаваат! Така и ќе продолжиме и во иднина.
Подолго време работиме и ќе го зголемиме домашното производство на електрична енергија за најмалку 25 проценти каква што задача доби ЕСМ“ рече Ковачевски.












