Кога ќе бидат признати македонските возачки дозволи во Германија

0
11476

Процедурата за потпишување договор за взаемно признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и Германија е во завршна фаза, текстот на договорот е усогласен меѓу двете страни и формални пречки за негово потпишување не постојат, вакво ветување од министерот за внатрешни работи  Оливер Спасовски добија претставниците на иницијативниот одбор за признавање на македонските возачки дозволи во Германија, Александар Бузлески и Александар Камберовски.

-Од министерот за внатрешни работи добивме јасна слика дека фазата во која што се наоѓа самиот процес е финална . Тоа значи дека предлог текстот на договорот за взаемно и реципрочно признавање на возачките дозволи меѓу двете држави наводно е прифатлив за двете страни. Како што сме информирани од нашата страна е испратен финалниот текст на предлог договорот , се чека зелено светло од германската страна и датум и место и кои надлежни лица ќе го потпишуваат договорот.

Инако овај проблемот е децениски вели Бузлески, иницијативата за петиција била покрената на 6 април минатата година, а завршила на 6 април годинава, каде биле собрани 42 илјади потписи.

-365 дена траеше самата петиција. Од потребниот таргет кој што беше прилично тенденциозен , 50 илјади потписи, ние собравме нешто над 42 илјади потписи. Целта беше симболично да се даде една бројка која што би алармирала до надлежните институции дека стварно проблемот засега една голема група на граѓани, додава Бузлески.

Македонските државјани што живеат и работат во Германија се надеваат на брзо решавање на проблемот кој им претставува дополнителен трошок или, пак, напор за повторно полагање за возачка дозвола пред германските власти.

-Со македонските возачки дозволи на територијата на СР Германија може да се управува ПМВ во првите 6 месеци после пријава на постојано живеалиште во Германија. После тоа за жал според досегашното законодавство мора да се дополага, некои го викаат и комплетно преполагање затоа што нема потреба од целокупните 30-тина до 40-тина часови, може и по скратена постапка, меѓутоа теоретскиот и практичниот секако мора да се полагаат повторно, а тоа чини во просек од 600 до 800 евра , додека комплетно полагање за лица кои немаат никаква дозвола за Б категорија е 2000 евра, а за останатите цените се вртоглави до 10 и 15 илјади евра. Лица кои што повеќе од еден пат се легитимирани со македонски возачки дозволи да управуваат ПМВ беа казнувани со MPU казна, вели Бузлески

Според германскиот завод за статистика од 2015 година во Германија живеат нешто повеќе од 100 илјади македонски граѓани. Александар Бузлески е еден од нив.Тој е и  еден од организаторите на петицијата,  живее и работи во Германија 6 години,  и се надева дека овај децениски проблем наскоро ќе биде решен и ќе замине во историјата.