Кои имиња ги носи Д Фестивал

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Д ФЕСТИВАЛ кој ова лето ќе се одржува од 12-ти до 14-ти јули во Дојран, може да се пофали со армија фанови кои ја препознаваат неговата вредност и уникатност, па на повеќе од четири месеци до одржувањето, стигнува и потврдата за тоа со веста дека порано од било кога досега, веќе е распродаден првиот контингент влезници. Причина повеќе за огромниот интерес секако е и првиот бран на изведувачи кој претставува актуелни музички имиња од сите страни на светот и тоа во најголем дел со премиерни настапи во Македонија! Во таа листа, покрај веќе најавениот настап на холандската музичка сензација и трикратни сопственици на „Битпорт Мјузик“ наградите, NOISIA (Ноизиа), своите настапи на главната бина ги потврдија уште и најпопуларните нови ѕвезди на француската електронска сцена OFENABCH (Офенбах), бендот кој ги постави темелите на грајндкор сцената NAPALM DEATH (Напалм Дет), во моментов најбараниот изведувач во регионот, сплитскиот рапер ВОЈКО В и гордоста на македонскиот андерграунд хип-хоп СТРАЈК!

За големото отворање на Д ФЕСТИВАЛ ова лето, во петок, 12-ти јули главната бина е резервирана за парискиот музички феномен OFENBACH, најактуелните ѕвезди на денс-поп сцената! На првата фестивалска вечер хитмејкерите зад „Be Mine“, „Katchi“ и „Paradise“, за прв пат пред македонската публика ќе настапат со своите енергични траки кои се необичен спој на чил-електро и инструментални делници извлечени од нивната љубов за рокенрол и блуз музиката.


Истата вечер, на главната бина ќе одекне и врвниот хип-хоп претставен од двајца подеднакво значајни уметници, но претставувајќи комплетно различни стилови на овој музички израз. Од регионот тоа е ВОЈКО В (познат и како Војко Вруќина), сплитски рапер и продуцент познат по својата работа во бендовите „Дјечаци“ и „Киша Метака“.


Од подземјето на македонскиот хип-хоп на главната бина на Д Фестивал пристигнува и СТРАЈК, изведувачот за кој не треба посебно објаснување бидејќи неговото дело говори повеќе од доволно! Кариерата ја започнува во 1997-ма, како еден од основачите на Легијата и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен Рекордс“, каде се појавува на првото издание – „SK Street Beatz“. Во 2001-ва заедно со Блажеј ја формираат групата СТР2 – насловена по графитите на Страјк, кратенка за „Стриктно Тврди Рими/Сон-Темнина/Реалност“ – и го објавуваат албумот „Не Заборавај“.


Последната вечер, недела, 14-ти јули на Д Фестивал доаѓаат и NAPALM DEATH – пионерите на грајндкор сцената со речиси четириесет години кариера. Нивното долготрајно влијание во светот на соничното дивјаштво започна во 80-тите, кога првите два албуми на бендот – „Scum“ и „From Enslavement to Obliteration“ го подобрија и редефинираа значењето на бруталноста и брзината во светот на панкот, хардкорот и металот.


Првиот контингент влезници од Ран Корморан акцијата на Д Фестивал се веќе целосно распродадени, a влезниците се достапни во продажба на сите благајни на МкТикетс и онлајн.

Share.