Кои се најбараните образовни профили во Техничкото училиште

Електротехничар за компјутерска техника и автоматика е најбараниот образовен профил во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола од страна на учениците. Таму до денес напладне имаше 5 ученици пријавени повеќе од предвидената бројка за упис. Годинава според конкурсот на МОН во ова училиште предвидено е да се запишат 322 средношколци од кои 186 во електротехничката струка и 136 во машинската струка.

„Во изминатите два дена од вчера попладне па до денеска до 12 часот најголем е интересот за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика каде што во овај момент има 5 ученици кои што се над предвидената бројка. Бидејќи рангирањето се врши во четврток по завршувањето на пријавувањето на сите ученици во сите образовни профили, каде што сеуште трае примањето на документи, меѓутоа во зависност колкава ќе биде најдолната граница на поени што ќе ја има 102 ученик, од тоа ќе зависи колку ученици ќе отпаднат односно ќе бидат вишок во тој образовен профил“, рече Тони Панов помошник директор во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“.

Вели дека имало интерес и за дуалната паралека, како и за образовните профили кои што годинава ги стипендираат ФОД и Министерството за образование.

„ Речиси полни се и другите паралелки од електротехничката струка, малку помал е интересот за машинската струка, меѓутоа сеуште е рано да се говори за конечна бројка. Од оваа година нудиме два образовни профили електротехничар-енергетичар и три годишно образование комбинирана паралелка обработувач на метал и заварувач од машинска струка, за кој интересот е голем, нормално стипендијата си го направи своето“, рече Панов.

Првиот уписен рок завршува во четврток во 15 часот, а после 16 часот ќе бидат објавени ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места.Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, можат да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, односно на 23 август.

 

Сподели