Комеморација во Битола во спомен на депортираните Евреи

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

По повод одбележувањето на 75 години од депортацијата на македонските Евреи, денес во Битола се одржува Комеморативна програма под покровителство на Владата на Република Македонија и Интернационалниот марш на животот.

Државни делегации од Македонија и Израел, претставници на невладини организации, но и голем број потомци на битолски Евреи од Израел, Латинска Америка и САД, се приклучуваат во досега најмасовното одбележување во Македонија на депортацијата и уништувањето на Еврејската заедница.

После вчерашните активности, денес Комеморативното одбележување во Битола, започна со прием на повеќе делегации во кабинетот на градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, а продолжи пред Здравствениот дом “Др.Хаим Абраванел”, со свечена програма и полагање на цвеќе на спомениците на депортираните Евреи и на споменикот на Естреја Овадија Мара. Во своето обраќање, претседателот на Собранието на Република Македонија, порача дека Холокаустот никогаш нема да се заборави:

„Драги пријатели, денес во Македонија, живее мала Еврејска заедница која со своите активности на сите полиња дава многу препознатлив и значаен придонес во целокупниот општествен и економски и културен развој на државата. Република Македонија, со Законот за денационализација, на Еврејската заедница и го врати целокупниот имот кој го имала уште пред Втората светска војна, како и имотите на нашите сограѓани Евреи, кои беа ликвидирани во Треблинка, а немаат правни наследници. Токму ова, беше појдовна основа за изградба на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија. Овој центар го промовира заедништвото, толеранцијата и дијалогот не само помеѓу граѓаните на Република Македонија, туку и во целиот регион. Самата локација на Меморијалниот центар, во центарот на градот, како и фактот дека од една страна се наоѓа црква, а од другата џамија, на симболичен начин ја потврдува вековната толерантност и отвореност на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија. Затоа и со право, како граѓани на Република Македонија, бараме да не се заборави и никогаш да не се повтори Холокаустот. Сакаме многу повеќе дијалог, толеранција и разбирање, како за решавање на глобалните проблеми, така и за регионалните и билатералните прашања”, рече Претседателот на Собранието Талат Џафери, во своето обрќање пред присутните, потсетувајќи дека тоа е обврска кон оние шест милиони Евреи кои ги загубија животите, но и обврска на човештвото.

На денешните комеморативни настани во Битола присуствуваше и заменик министерот за одбрана на Израел, Рабин Елиаху Михаел Бен – Дахан, кој им се заблагодари на луѓето во Македонија, кои што денес маршираат за Евреите и се грижат за Еврејските гробишта.

Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, порача дека сите Евреи се добродојдени во Битола, за да ги зачуваме спомените и да порачаме, дека 11 март 1943 не смее да се повтори.

„Денес само се потврдува што значи космополитизмот на Битола. Битола е градот во којшто се вкрстувале многу судбини, многу приказни, во кој што имало многу насмевки, многу прегратки, но и многу солзи. Денес сме овде, не затоа што сакаме да кажеме дека не сакаме да заборавиме, денес сме овде затоа што сакаме да кажеме дека сакаме да се сеќаваме. Денес сме овде затоа што сеуште меѓу нас се Евреите од пред 75 години. Денес сме овде за да го изведеме маршот во знак на сеќавање на оној марш од пред 75 години, кој што беше навистина тажен”, рече меѓудругото градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска во своето обраќање пред присутните, потсетувајќи дека приказната која во себе ја носи Битола треба да биде потсетување за сите лидери и политичари за насоката во која треба да се движи светот.

SONY DSC

Започнувајќи од пред Здравствениот дом “Др.Хаим Абраванел” со масовен „Марш на животот”, во кој се вклучени над 2.000 лица, Битола до светот испраќа порака за мир и космополитизам, а програмата автентично го доловува депортирањето на Евреите пред 75 години. Маршот, од Широк сокак продолжи до Железничката станица, каде Евреите своевремено биле натоварени во вагони и пренесени до привремен логор во Скопје, а потоа до логорот на смртта Треблинка во Полска, каде биле егзекутирани.

Денешната комеморативна програма продолжи во Паркот на живите сеќавања на Еврејските гробишта, со свечено отворање на Ерусалимската патека. На комеморативна церемонија се поставија камчиња за сеќавање на 793 семејства од Битола – жртви на холокаустот. Камчињата ја симболизираат човековата маленкост пред Господ.

Програмата продолжува во НУ Завод и Музеј Битола, со светска премиера на изложбата на музејот „Јад Вашем” од Израел – “Повеќе од должност – дипломати признати како праведници помеѓу народите”, под покровителство на Владата на Израел. На свеченото отворање ќе се обратат Амбасадорот на Израел во Република Македонија Дан Оријан и Рахела Буд Каплан, претставник на музејот „Јад Вашем” од Израел.

Share.