Композициите на Чајковски и Рахмањинов пред битолската публика

Во битолскиот Завод и Музеј се одржа концерт на руска класична музика, посветен на Петар Илич Чајковски и Сергеј Рахмањинов.

Организатор на концертот беше здружението на уметници и педагози АРС АД АСТРА во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, Почесниот конзулат на Руската Федерација во Битола, Државното музичко училиште, а поддржан од Општина Битола.

Како дел од здружението на  концертот настапија Маја Божиновска и Горјана Стојановска, изведувајќи ја балетската свита „Заспаната убавица“ од Чајковски за четирирачно пијано. Исто така, со шест пиеси за четири раце пред публиката се претставија Татјана Божиновска и Билјана Димовска. Беше даден и краток осврт кон животот и делата на Чајковски и Рахмањинов, од страна на Горјана Стојановска.

На концертот присуствуваа  градоначалничката Наташа Петровска и  амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин. 

„Здружението АРС АД АСТРА Битола, обединува уметници околу една единствена цел: проширување на професионалните хоризонти на уметниците, нивно културно етаблирање во општеството преку повеќе настани и настапи, и секако, доведување на класичната музика на местото кое го заслужува во културниот живот на нашиот град. Оваа визија беше поттик за насочување на индивидуалните размислувања и сили кон еден ист правец, а тоа е љубовта кон музиката.„ни изјави Татјана Божиновска и додаде „ Факт е дека нашиот град отсекогаш бил лулка на културата и уметноста, надалеку познат по своите епитети- Град на пијаното и Град на конзулите и како таков заслужува да има што повеќе настани кои ќе го збогатат културниот живот во истиот, со зголемување на интересот и љубовта кон класичната музика. Полните сали, воодушевеноста на присутните, громогласните аплаузи на истите, се доволен показател дека Битола, како град со богата културна историја, заслужува да има настани од ваков тип.  Идејата потекна лично од нас како уметници кои руската музика ја изведуваме со огромно задоволство. Речиси и да нема изведувач кој оваа музика ја нема во својот репертоар, таа е искуство кое уметник мора да го искуси. Секако пиететот кон неа беше и самиот поттик да започнеме со еден ваков проект кој е добредојден во овие тешки услови на пандемиска криза, каде уметноста е прва на удар„. 

Со овој настан имаат за цел да ја доближат класичната музика кон младите и пошироката публика воопшто, со што би влијаеле на подигнување на културниот живот во градот.

Неда Маретиќ

Сподели