„Македонската јавност е сведок дека како претседател пет години во континуитет јавно ги осудувам грешките на сите кои ги кршат законите, вклучувајќи ги и оние кои ме поддржуваа. Многу од нив ми се лутат велејќи ние го избравме, а тој не критикува. Јас не барав мандат за да крадам од народот, туку да помогнам да живее подобро“ рече претседателот Стево Пендаровски на конвецијата за промоција на кандидатурата за втор мандат.
Тој додаде дека сега бара доверба за втор мандат, бидејќи може да ги погледне граѓаните во очи и да каже дека изминатите пет години зад неговото име нема ниту една афера, корупција, провизии или местени тендери.

„Ако ја добијам вашата доверба и во следните пет години ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе еднакво, независно на кој народ припаѓаат или за која партија гласаат“ рече Пендаровски.
Претседателот додаде дека ќе продолжи да им помага на понижените за да добијат човечки третман и правда во заедницата каде што живеат, но и да го критикува криминалот и корупцијата на било кој во државата, вклучувајќи ги и тие кои гласале за него.

„Немавме грешки за стратешките прашања, но за некои политики или кадровски одлуки имавме. Нашето најголемо потфрлање беше што застанавме на половина пат во реализација на клучниот слоган на Шарената револуција ‘Нема правда – нема мир’. Во оваа смисла, не може да го вратиме времето назад, но нужно е да се обврземе на целосен ветинг на сите судии и обвинители и пред се, на нас, политичарите“ рече претседателот Стево Пендаровски.
Тој додаде дека сите кои намерно држат предмети во фиоки со години или не можат да докажат како од плата заработиле милиони треба да бидат разрешени и да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политички функции.

„Слушам дека и опозицијата најавува ветинг на политичарите. Бараат надлежните органи да испитале дали било кој од нас, несразмерно го зголемил имотот. Го поддржувам овој предлог и додавам уште еден параграф. Да го провериме нашиот имот и имотот на нашите блиски, не само во изминатите пет години, туку од 90 до денес, па да видиме дали ќе го поминат тој тест оние кои ги кршеа санкциите на ОН против тогашна Југославија и без закон за национализација присвојуваа национализиран имот за себе“ рече Пендаровски.
Пендаровски реч дека сегашната опозиција не носи тешки одлуки, бидејќи со популизам се чуваат рејтингот и парите, но не и интересите на државата.

„Сегашната опозиција беше 11 години на власт, а не донесе ни една тешка одлука. Знаете ли зошто? Бидејќи со носење стратешки одлуки се остваруваат стратешки интереси на долг рок, но на краток рок се губи рејтингот. А со популистички одлуки се чуваат рејтингот и парите, но не и интересите на државата и граѓаните“ рече Пендаровски.

Тој додаде дека како Национален координатор за НАТО ги водел преговорите за членство во Алијансата, со што долгорочно се осигура опстанокот на државата, а како Претседател ја поддржа преговарачката рамка со ЕУ, со која не само што земјава започна преговори по 17 години, туку се договори и македонскиот јазик да биде еден од официјалните јазици на ЕУ.

„Мојата животна филозофија и домашно воспитување секогаш биле против продлабочување на поделбите по основа на етничко потекло. За жал, опозицијата и нивните кандидати форсираа и форсираат политики што ги продлабочуваат поделбите – порано меѓу Македонците и Албанците, а денес и меѓу Македонците. Кај нив немаше поделби само кога прислушуваа 25 илјади наши граѓани, бидејќи ги прислушуваа сите и во нивната партија и во фамилиите“ рече Пендаровски.











