Дувачкиот оркестар на Државното музичко училиште од Битола и Битолскиот Дувачки Оркестар ќе настапат во вторник 11.04. во Центарот за култура – Битола. На програмата ќе бидат дела од Бетовен, Росини, Штраус и маршови за дувачки оркестар. Реактивирањето на Битолскиот дувачки оркестар беше на иницијатива на професорот Марјан Бакревски кој по повеќе годишна работа во различни оркестри во САД како што се New England Philharmonic, Charls River Wind Ensamble, Wiener Kagran Musik, и други, се враќа во родната Битола и застанува на чело на овој оркестар. Тој е роден во Битола каде што заврши основно и средно музичко образование во класата кларинет на проф. Панде Татарчевски. Високото образование го продолжи во Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, Бостонскиот Конзерваториум во Бостон, САД а потоа и на магистерски студии во Моцартеум во Салзбур – Австрија, со првиот кларинетист на Виенска и Берлинска Филхаромонија.
Неколку години е диригент на Битолскиот Дувачки Оркестар. Во моментов работи во Државно Музичко Училиште – Битола. Да потсетиме дека и претходно битолскиот дувачки оркестар имаше неколку успешни настапи, на отворено низ Широк Сокак на неколку пати, пред НТБ на отворањето на “Браќа Манаки“, на отворањето на “Камера 300“, а сите овие настапи наидоа на одлични коментари на битолчани кои Бакревски и другите ги охрабруваа да продолжат со работата. Минатата година битолскиот дувачки оркестар настапи на 13-то издание на Фестивалот на музика од светот, а оваа настапија заедно со јасна димитровска кога ги оживеаа на сцена хитовите на безвремениот Френк Синатра. Оваа година Државното музичко училиште слави 75 годишен јубилеј од своето постоење, 75 години богата историја преточена низ звуците на музиката. По тој повод и овој концерт е дел од богата програма за одбележување на овој јубилеј, како претходник на главниот концерт кој ќе се одржи во средината на мај.
Концертот во центарот за култура е со почеток од 20 часот.












