Кон крајот на јуни нова премиера во прилепски театар

Првиот проект што во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува според програмата поддржана од Министерството за култура за 2021 година е претставата „Светулки“, која се поставува по текст од хрватската авторка Тена Штивичиќ во режија на Драгана Милошевски-Попова, која првпат соработува со прилепскиот театар.
Во претставата игра поголемиот дел од ансамблот на театарот. Драматурзи се Ивана Нелковска и Лидија Митоска Ѓоргиовска, сценограф е Валентин Светозарев, а костимите се на Розе Трајчевска. Музиката ја изработува композиторката Ирена Топовиќ Драговиќ од Србија.

Тена Штивичиќ е една од најпоставуваните хрватски авторки. Со својот ненаметлив стил таа дава искрена слика за тоа како изгледа животот во 21 век преку призмата на различни секојдневни ликови претставени од неколку различни генерации и социјални профили. Текстот за претставата третира актуелни прашања кои се поврзани со индивидуалната потрага на животниот пат.
Протагонистите се заглавени на еден аеродром, на пола пат до својата конечна дестинација и не можат да го продолжат патот поради неочекувано невреме. Заглавени во таа транзит зона тие ги преиспитуваат своите животи, желби, своето минато, тоа за кое копнеат и тоа кое сакаат да го заборават. Во една навидум едноставна и минлива состојба, тие прават силни одлуки што ќе им го променат животот и целиот светоглед.

Современиот пристап во сценското прикажување на режисерката Драгана М. Попова филигрански ќе го надополнува дејствието, давајќи му суптилност и леснотија во играта. Претставата треба да оствари интимна врска со публиката преку откривањето на навидум едноставните, секојдневни животи во контраст со тежината која тие ја содржат и ја носат со себе. Премиерата на претставата е планирана за крајот на јуни.

Сподели