Јавните набавки поврзани со ковид-19 и во второто полугодие од 2021 година, односно и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција – покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации за јавните набавки за заштита од Ковид-19.
Проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, со што намерно се остава простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција.
Во извештајот стои дека и натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %.
-И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 отсто, при набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција, а постои и слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас, ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција, покажува Извештајот.
Како јавни набавки за ковид-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со пандемијата, како, на пример, службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја. Или набавка на печатени обрасци за амбулантен дневник, семеен патронажен дневник, извештај за пари, книга за редовност, рецепти, советувалиште за доенчиња, забоздравствен картон и сл. Или неколкуте набавки на компјутери, итн. На сите вакви тендери од мониторираниот примерок имало само по една понуда, дури и за набавка на производи за коишто вообичаено има поголема конкуренција, како за компјутери, на пример.
Овој извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од ковид-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 % од сите тендери за ковид-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 % од вредноста на сите тендери за ковид-19 во анализираниот период (4,1 милиони евра).