Косовоското прашање е единствената вистинска пречка на патот кон ЕУ

0
433

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека косовското прашање останува голема пречка на патот на Србија кон членството во Европската Унија и ја повика Приштина на отстапки.

„Единствениот голем проблем кој го гледам како вистинска пречка на нашиот европски пат е косовското прашање“, кажа Вучиќ во интервјуто за француската новинска агенција Франс прес.

Во текстот се наведува дека Србија, која се надева дека ќе влезе во ЕУ во 2025 заедно со Црна Гора, одбива да ја признае независноста што Приштина ја прогласи во 2008 и на Косово гледа како на своја јужна провинција и дека Брисел јасно им даде до знаење на Белград и Приштина дека влегувањето во ЕУ нема да се случи сѐ додека односите не се нормализираат со правно обврзувачки документ.

„На крајот на краиштата, сѐ се сведува на Косово, околу тоа дали ќе можеме да го направиме тоа или не. Нормално, повеќе зависи од Србија, но и од другата страна, и тие мора да добијат силна поддршка од ЕУ и Западот дека и тие мора да направат одредени отстапки“, порача Вучиќ во интервјуто.

Во текстот се потсетува дека дијалогот во Брисел е „заглавен“ бидејќи Приштина не му дозволува на српското малцинство на Косово да формира заедница од општини во кои сочинуваат мнозинство.

Српскиот претседател оцени дека косовските Албанци не се спремни на какви било отстапки.

„Тие мислат дека е време Србија да ја признае целосната независност на Косово и тоа е тоа. Дека не треба да прават ништо околу Србите, во врска со Србија и дека треба само да чекаат. Јас не сум спремен да зборувам за конкурентни поими, но тие мора да направат одредени отстапки во вистинската смисла на зборот. Доколку се спремни на тоа, можеме да постигнеме нешто, доколку не се, тоа ќе бидат многу лоши вести за сите нас“, кажа Вучиќ.

Се истакнува дека, покрај решавањето на косовското прашање, за влегување во ЕУ од Србија ќе биде побарано да ја усогласи надворешната политика со блокот од 28 членки, вклучувајќи го и делот кој се однесува на блискиот сојузник на Србија, Русија.

Вучиќ во неколку наврати повтори дека Србија нема да ја следи ЕУ во воведувањето санкции против Русија, а Франс прес оценува дека српскиот претседател не е премногу загрижен околу односите на ЕУ со Русија.

„Ние мора да се усогласиме со политиката на ЕУ непосредно пред влегувањето во Унијата, а според најдоброто сценарио за нас тоа ќе биде во рок од седум години, и се надевам дека до тогаш во светот ќе има целосно поинаква ситуација“, кажа Вучиќ.

mkd.mk