Специјална единица на косовската полиција ја презела синоќа контролата врз православниот манастир во селото Бањска во северно Косово, каде што се засолни групата која рано утрото ја нападна косовската полиција, убивајќи еден и ранувајќи уште еден полицаец.
Повеќе приштински медиуми, повикувајќи се на сигурни извори во полицијата, јавија дека на страната на напаѓачите досега има најмалку тројца убиени и четворица уапсени.
Според официјална Приштина, вооружената криминална група, составена од над 30 лица, била позиционирана во Бањскиот манастир во Звечан и користела и други приватни објекти од каде што ја напаѓала косовската полиција.

КФОР излезе со одговор дека се во околината на Бањска и дека се подготвени да одговорат доколку се јави потреба, нагласувајќи дека косовската полиција е првата институција која е одговорна за случајот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа во обраќањето до јавноста по последните настани на Косово и пукањето во селото Бањска рече дека ова е еден од најтешките денови за земјата и народот од 2004 и 2008 година, и да „Србите на Косово се побуниле, бидејќи не сакаат повеќе да го трпат теророт на Албин Курти“, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој кажа дека безброј пати досега предупредувал да поради апсењата, провокациите, погромот над Србите на Косово дека вакво нешто ќе се случи.
-Србите, а не луѓето од централна Србија како што лажеа во приштинските медиуми, туку луѓето од Косово и Метохија се побунија, не сакајќи да го трпат теророт на Курти, кажа Вучиќ … 62 пати е користена косовската полиција против Србите, има 22 ескалирачки потези на северот, 56 етнички мотивирани напади врз Србите, само прашање на време беше кога особено оние што ги гони полицијата и кои постојано се движат меѓу централна Србија и Косово за да избегнат апсење, секако дека ќе се обидат да направат нешто за себе и неговото семејство, изјави Вучиќ

Тој го осуди убиството на припадникот на косовската полиција.
-Да бидам прецизен, во никој случај не сакам да го оправдам убиството на албанскиот полицаец, тоа е за осуда и тоа е нешто што никому не му беше потребно, а најмалку на српскиот народ во моментот кога сите сфатија дека Курти е главниот организатор на хаосот во Косово и Метохија, и на ова осуда нема „меѓутоа“, рече Вучиќ.
Во обраќањето тој кажа дека целта на Косово за вооружената пресметка во Бањска била „вината да падне на Србија“ и да „единствен виновник за она што се случи на Косово е Албин Курти, кој не сакаше да спроведе Заедница на српски општини (ЗСО) и единствена цел му беше да ја вовлече Србија во војна“.












