„Годинава започнуваме да го реновираме. Ќе биде мултифункционален обејкт. Неколку пати имав можност да се сретнам со нив кога го развивавме проектот, млади дечки кои што ти ги впиваат идеите. Прво ќе се сработи киното „Партизан“, затоа што мораме да бидеме многу претпазливи со театарот и центарот за култура, не смееме да ги затвориме, бидејќи тоа не е работа во шест месеци. Прво да проработи ова, да имаме алтернативна сцена“ вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Сојчевска, во интервју за интернет емисијата „Југо“ со Мими Марковски.

Зградата на поранешното кино “Партизан” е изградена во времето на СФРЈ и во неа порано се прикажуваа кино проекции. Долги години работеше како едно од кината во градот Битола, а потоа како и другите две кина во периодот после 1990-те години, беше затворено.
Во 2006 година со одлука на Владата, овој објект му е доделен на користење на НУ Народен театар Битола.
Од министерството за култура велат дека комплетната санацијата на објектот се однесува на подобрување на постоечката состојба на просторот, замена на дотраените материјали, ставање во функционалност и формирање на простори во кои идната публика, младите и вработените, би пронашле простор за реализирање на нивните културно-уметнички цели.
Идеата е објектот на поранешното кино “Партизан” да се претвори во современ, мултифункционален центар, ефикасен за работа, комфорен простор, кој би ја збогатил културната сцена во градот Битола.
Исто така, предвидено е со неговото повторно ревитализирање и враќање во употреба, покрај тоа што ќе се обезбеди простор каде што младите ќе ги реализираатсвоите идеи на културно уметнички план, да се отворат и нови работни места со цел непречено функционирање на самиот објект.
Идеата е преку организација на концерти, изложби, кино-проекции како и дислокација на некои од постоечките претстави на НУ Народен театар Битола да се создаде нов уметнички простор со сопствена програма, идеа и визија.
Проектната документација е веќе завршена, истата беше дел од програмата за 2023 сега следува прва фаза на реализација на проектот, велат од Министерството за култура.












