Со традиционалното дефиле „Со песни и игри низ битолските улици”, кое години наназад ја привлекува битолската публика да ги следи учесниците по Широк сокак, како и со изведбата на неизбежното оро „Комитско“ од страна на членовите на КУД „Илинден“ од Битола, започна 53 издание на Интернационалниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на учесниците, истакна дека и за ова фестивалско издание долго ќе се раскажува.

„Убавината на еден град е во неговата моќ, низ најголемите вредности од минатото, да ја претстави историјата и низ песна, музика, игра и уметност да ја заживее сегашноста. Битола, по 53-ти пат, претставувајќи ја традицијата, ги оживува мелодиите на годините кое останале зад нас, вклопени во потребите на новото време, кое значи инвентивност, но и неопходност да се сочува печатот на културите од овие простори.

Меѓусебното споделување, секогаш значи и себепромоција, но и учење за вредностите на другите народи, меѓусебно подобро разбирање и почитување.
Само преку промоција и поттикнување на културниот развој, можеме достојно да го сочуваме споменот и да дадеме пример за младите генерации – нашите идни промотори.
Овогодишниот „Отворен круг“ на Републичкиот фестивал на народни игри и песни, продолжува да биде инспирација за творештво, собирајќи ги на едно место домашните ансамбли, но и боите и ритмите на 8 земји од светот“, посочи Коњановски.
Центарот за култура е носител на оваа култна манифестација за македонската култура. Директорката на оваа културна установа Маја Андоновска Илијевски рече дека фестивалот ги инспирира младите генерации да продолжат да творат и да покажат интерес за фолклорот како едно од нашите главни обележја.
Фестивалот „Илинденски денови“, кој е дел од програмата на Битолското културно лето Битфест, 15-то по ред и годинава ја отсликува заложбата на локалната самоуправа, да даде поддршка на вистинските културно уметнички вредности.












