Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски вели дека последната седница, одржана на 27 јуни, исто така е уште една потврда за противзаконско постапување од страна на Советот, непочитување и мешање во ингеренциите на градоначалникот и другите институции.
„Прво, одлуката за привремено враќање на шинтерската служба е невозможно да се спроведе, а доколку пак се насочиме на нејзино спроведување, тогаш наместо на обезбедување документација и лиценца од Агенцијата за храна и ветеринарство за новото прифатилиште на што веќе работиме, треба да се насочиме на создавање услови во ЈП Комуналец.
Накратко, ќе потсетам на долги години во кои здруженијата се жалеа на нехуман третман на бездомните животни, несоодветни услови во зоолошката градина и местата каде се сместуваа животните, се додека шинтерската служба ја водеше јавното претпријатие, при што се делуваше спротивно на Законот за заштита и благосотојба на животните, донесен во 2014 година, вклучувајќи ги и измените од 2015 и 2016 година.
- Ова е медиумски напис од 13.02.2015 „Зомбиленд или Битола”, објавен од Здружение за заштита на животните „Анима Мунди” – период кога во ЈП Комуналец работеше шинтерската служба
- Ова е Отворено протестно писмо од Здруженијата за заштита на животните „Мали херои”, „АРК Анимал” и Фондација Бибевски, објавено на 04.04.2020 година, адресирано до претходната градоначалничка, општина Битола и претходниот директор на ЈП Комуналец, каде меѓудругото стои: ЈП Комуналец заловува и убива улични кучиња и со ушни маркички и без, со изговор дека тие претставувале опасност од ширење на коронавирусот. И тогаш дејствувала шинтерската служба.
- Прашувам: Дали советниците од СДСМ, сакаат врќање на ваква шинтерска служба? Но, пред да се потрудат да ми одговорат, имам да изнесам и дополнителна документација, која верувам дека ќе ги предомисли и ќе дозволат да ги завршиме работите согласно Законот.
- При вонреден инспекциски надзор на ден 15.02.2022 година од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, постапено е по електронска претставка од повеќе здруженија за заштита на животните, за периодот 2019,2020 и 2021 година, при што констатирано е дека:
Општина Битола (градоначалникот) не врши собирање на бездомни кучиња во прифатилишта одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, а таквите прифатилишта можат да бидат основани од самата општина или пак општина Битола да склучи договор со одобрено прифатилиште од АХВ основано од друго правно лице.
Спротивно на член 29 став 1 од Законот за заштита и благосостојба на животните, градоначалникот вршел стационирање/згрижување на бездомните животни во неодобрено прифатилиште од АХВ, согласно истиот закон. Со истото, одговорното лице во правното лце – градоначалникот стори прекршок за што согласно одредбите од член 66 став 1 точка 49 и член 5 од Законот за заштита и благосостојба на животните, предвидена е глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице од ставот 1 на овој член.
Ова е прекршочниот платен налог со кој претходната градоначалничка, врз основа на претходно наведеното беше задолжена да плати глоба за прекршокот.
Така дејствуваше шинтерската служба, кучињата и лавовите беа соседи, а општината не ги исполнуваше условите за заловување, транспорт, третман, соодветни кафези и услови за бездомните животни.
Бараат ли советниците од СДСМ преодно решение со нехуман третман на животните?
Тоа не го дозволив во ниту еден момент, а нема да го дозволам и понатаму.
Веднаш по моето доаѓање, имајќи ги предвид укажувањата од АХВ, во март 2022 година склучивме договор со правно лице за заловување и третман на бездомни животни.
Од склучувањето на првиот договор до денес, во Битола заловени и третирани се над 180 кучиња.
Одлуката за враќање на шинтерската служба, за жал е политичка манипулација на граѓаните, за да се прикаже дека некој т.е градоначалникот, не сака да го реши проблемот, додека новата коалиција во Советот, тоа го бара.
Сите сакаме да се движиме слободно низ улиците на градот и глутниците кучиња да не бидат опасност за нас.
Да се каже дека до изградбата на прифатилиштето, времено решение е ЈП Комуналец е груба лага, затоа што претпријатието во досегашниот период не создало услови за оваа дејност. Но, за многу брзо ваквата дозвола ќе ја има новото прифатилиште, каде градежните работи од оваа прва и многу важна фаза ќе бидат завршени деновиве“ рече Коњановски.












