ТЕРА

REKLAMA???

КОЊАНОВСКИ: ОНИЕ КОИ ИМААТ ШТЕТИ ДА СЕ ОБРАТАТ ДО ОПШТИНАТА

Општината со комуналните претпријатија и територијалната противпожарна единица се подготвени за брзо интервенирање доколку се случи невреме како вчерашното. Граѓаните кои сметаат дека вчера им била предизвикана штета со својата документација да се обратат до општинската комисија за проценка на штети вели денеска за Тера градоначалникот Тони Коњановски.

 

Краткотрајното невреме што вчера ги изненади граѓаните не предизвика поголема штета ниту пак има повредени лица. Збирниот извештај на Регионалната канцеларија на Центарот за Управување со Кризи во Битола вели дека „во периодот од 15.30 до 17.00 часот, подрачјето на Битола било зафатено од краткотрајно невреме при што биле регистрирани неколку настани, од кои бележат паднато дрво во центарот на градот на ул.„Столарска“, при што се оштетени две паркирани возила и била зафатена коловозна лента. Имало регистрирано и паднато дрво на ул.„Страшо Пинџур“ при што се искинати жици од електрична мрежа, падната бандера на ул.„Херцеговина“ и навалено големо дрво врз електрична инсталација (жици) во с.Бистрица. Екипите на ЈКП „Комуналец“ и екипи на ЕВН навремено реагирале и состијбите предизвикани од невремето биле санирани. Особено значајно е што вчера во градот во текот на временските неприлики територијалата противпожарна единица интервенираше на три опожарени локации.

„Да, заедно со ТППЕ излеговме на терен и фактички во самиот момент го стартиравме кризниот штаб, исконтактиравме со јавните претпријатија со сите релевантни фактори, контактирав и со болницата, побаравме помош и од РЕК меѓутоа немаше потреба во оваа фаза која го затекнавме („невремето“) . Иначе три пожари се јавија во исто време што е многу невообичаено. На тој ветер, грмотевици итн. да, она што го кажаа професионалците дека е тоа сосема, многу сомнително ; на три локации, дел од населбата Баир, веднаш до резервоарот на ЈП „Водовод“, горе накај Смолево.“ – рече денеска за Тв Тера градоначалникот на Битола Тони Коњановски и додаде, -„Со екипата тоа што можевме да го видиме беше опожарена трева, значи некоја посебна штета немаше, но, според тоа што го кажуваат тие, што ќе се случеше ако не се интервенираше промптно и ако не заврнеше ќе беше навистина многу проблематично. Меѓутоа брзо се реагираше, тоа е добро, екипите беа спремни, дополнително вода беше обезбедена со јавните претпријатија и сите бевме вклучени во тој момент. “ – објасна Коњановски.

Засега нема прецизна информација од граѓаните дали воопшто претрпеле некаква штета. За тоа треба ја информираат Комисијата за проценки на штети којашто функционира во Општината.

Градоначалникот Коњановски вели „Постои онаа стандардна процедура, сите ја видовме онаа фотографија со оштетеното возило … сите тие треба да се јават во Општината со комплетна документација која следи ќе ги добијат информациите и постои комисија за проценка на штета која многу брзо ќе реагира и ќе надополни она што е во границите дозволеното, законот и она што локалната самоуправа треба да помогне секаде. Пред неколку дена имавме и запален објект во околината на Битола … така да си ја работи Комисијата  целата своја активност за која се и формирани и мислам дека сето тоа ќе биде во ред. Да се надеваме само дека …некако невремето досега ја заобиколи Битола но еве во текот на вчерашниот ден бевме сведоци што може да биде. Јавното претпријатие „Нискоградба“ е на терен со своите редовни активности за чистење и одзатнување на шахтите кои цело време поради градежните актовности се проблем, меѓутоа мислам дека ја држиме под контрола целата ситуација. “

Утре времето ќе биде променливо облачно и посвежо со локален пороен дожд и ретки грмежи. Од петок следува период на сончево време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура ќе биде во пораст, а особено топло ќе биде во недела и во првите денови од следната седмица. Вакво невреме не се очекува.