Кривична пријава за директорот на МРТ за злоупотреба на службената положба

0
347

Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата М.Ц. (40), од Скопје и Г.С. (56) исто така од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека во текот на 2016 година сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5, а во врска со член 22 од КЗ на РМ. Имено, првопријавениот М.Ц. во својство на овластено лице, директор на ЈП МРТ Скопје, при спроведување на отворена постапка во хартиена форма што завршува со „е-аукција“ за јавна набавка – “Електронско мерење на ТВ аудиториум со пиплметри на територијата на РМ“ за потребите на ЈП МРТ Скопје, склучил договор со правното лице “Аналитика“ ДООЕЛ – Скопје, застапувано од второпријавениот Г.С. Притоа, иако М.Ц. знаел дека во – “Извештајот од спроведената постапка“ изготвен од Комисијата за јавни набавки при ЈП МРТ Скопје било констатирано дека врз основа на веќе спроведена електронска аукција, од економскиот оператор “Аналитика“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје била понудена нова намалена единечна месечна цена од 87.637,50 денари во однос на почетната единечна месечна цена од 175.000 денари и дека бил даден предлог, постигнатата нова цена да биде избрана како најповолна понуда, сепак по претходен договор со второпријавениот, на 13.07.2016 година злоупотребувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, со намера на “Аналитика“ ДООЕЛ да и овозможи противправна имотна корист, донел Одлука за избор на најповолна понуда со која за најповолен понудувач ја избрал оваа фирма. Врз основа на оваа Одлука М.Ц и Г.С. на 29.07.2016 година склучиле „Рамковна спогодба за јавна набавка на услуги“ со вкупна вредност на истата од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ, иако знаеле дека согласно последната постигната аукциска цена спогодбата требало да биде склучена на износ од 1.051.650 денари без пресметан ДДВ за 12 месеци или 87.637,50 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ. Со ваквите дејствија М.Ц. и Г.С. го оштетиле буџетот на ЈП МРТ Скопје во вкупен износ од 1.237.053 денари со пресметан ДДВ, а од друга страна прибавиле противправна имотна корист за правното лице во износ од 1.048.350 денари, соопшти МВР.