Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Прилеп

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Полициската станица Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против лицата М.Р. (46) поради основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“, М.С. (59) поради основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на постапка за јавен повик“, И.К. (63), Љ.М. (58), И.Ч. (67), Б.Н. (54) поради постоење на основи за сомнение за сторено кривично дело -“злоупотреба на службена положба и овластувања“. Исто така, кривично е пријавено и правното лице “Пела Транс“ ДООЕЛ, с. Мажучиште, прилепско а во врска со кривично дело “злоупотреба на постапката за јавен повик,  доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“. М.Р.  во својство на градоначалник на општина Прилеп, му овозможил на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист од 77.031.890 денари, средства од буџетот на општина Прилеп. Тој создал услови правното лице да биде единствен понудувач и воедно избрана фирма за најповолен понудувач на постапката за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територијата на општината Прилеп. Пријавената фирма не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени обврски за даноци. Во тој период фирмата се наоѓала на листата на должници од УЈП, и тоа уште во билансот на состојба од 2011 година, кога за таа година бил наведен долг – обврска за даноци и придонеси од преку 7.000.000 денари. Второпријавениот М.С., во својство на сопственик и управител на фирмата, поднесувал  лажна документација (уверение за платени даноци и придонеси) во договор  со пријавените  И.К., Љ.М. и И.Ч., коишто, како одговорни лица во општинската администрација, биле назначени и за членови во Комисијата за јавни набавки. Тие како членови на комисијата биле присутни во сите случаи при евалуација и одлучувале при секоја постапка за оваа јавна набавка во периодот од 2012 – 2017 година. Истовремено, И.К., Љ.М. и И.Ч. не побарале од пријавената фирма да им биде доставено оригинално уверение за платени даноци и придонеси, ниту пак по службена должност побарале од УЈП да ја потврди фактичката состојба. Исто така, И.К. и Љ.М. овозможиле во тендерската документација – техничката спецификација, да бидат поставени услови кои ја фаворизираат пријавената фирма. Тие поставувале економски и технички параметри кои само овој субјект ги исполнува.  Покрај ова, биле предвидувани и лимити во вредноста на договорите со кои се барало вредноста на договорите, поединечно, да се движи во вредности (од по 10.000.000 денари) што биле склучени во претходни договори со “ПЕЛА ТРАНС ДООЕЛ“ с. Мажучиште.     Од страна на М.Р. за надзор за вршењето на зимското одржување било назначувано ЈП за ПУП Прилеп, а како надзорен инженер бил поставуван шестопријавениот Б.Н. кој не вршел споредба на позициите искажани во ситуациите со оние во градежниот дневник. Со ваквите дејствија пријавените овозможиле фирмата “ПЕЛА ТРАНС ДООЕЛ“ с. Мажучиште да се стекне со противправна имотна корист во висина од 77.031.890 денари, средства од буџетот на општина Прилеп, соопшти МВР.

 

Share.