Кукан и Вајгл ја повикаа опозицијата да се врати во Собранието

0
226

Европратениците Иво Вајгл и Едуард Кукан ја повикаа опозицијата да се врати во Собранието и активно да учествува во донесувањето на стратешките одлуки.

– Мојата порака би била упатена до Владата, но и до опозицијата повеќе – мора да работите заедно, опозицијата е дел од нормалниот парламентарен систем и само силна опозиција може да има удел во одговорноста и мора да преземе дел од одговорноста. Коалицијата на власт има одговорност да направи опозицијата да се чувствува комотно и да ѝ се даде шанса да учествува во процесот на законодавство во донесувањето стратешки одлуки за државата, а тоа е нешто што отсуствува во овој момент – порача европратеникот Иво Вајгл.

Вајгл нагласи дека има големи очекувања од процесот „Жан Моне“ и рече дека тој, најверојатно, ќе почне во март, но тоа нема да биде Париз. Одлуките и заклучоците ќе се носат во Собранието.

Европратениците се осврнаа и на реформите.

– Се надевам дека со добра волја ќе видиме подобрување на билатералните односи во регионалната соработка. Таа е важна за идното функционирање на проширената Европска Унија и не помалку важно е и функционирањето на парламентарната демократија, која треба да биде суштина на сите идни членки на ЕУ – порача Кукан.

Европратениците се обратија на Конференцијата на парламентарните комисии за европски прашања на државите од процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа, која денеска се одржа во Собранието на РМ. Тие говореа во рамките на првата сесија „Европската перспектива на Западен Балкан“. Втората сесија се однесуваше на владеењето на правото, а на оваа тема говореа амбасадорот Џес Бејли, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за правда Билен Саљији.

makfax.com.mk