ТЕРА

REKLAMA???

ЛЕГЕНДАРНИТЕ МИЗАР НАСТАПИЈА ПРЕД БИТОЛСКАТА ПУБЛИКА

На Платото пред Офицерскиот дом, во рамките на програмата на „БИТ ФЕСТ“, пред битолската публика настапи култната македонска музичка група „Мизар“, една од најзначајните и највлијателни македонски групи, чија трага е длабоко врежана во современата македонска култура. Повод за овој концерт беше промоцијата на новото ЦД и прославувањето на 40 години успешно дејствување на домашната, но и меѓународна музчка сцена. Овој концерт, беше можност да се види „МИЗАР“ во целиот свој сјај.

Пред почетокот на концертот беше одржан настанот Поетување со Кени заедно со Перица Сарџоски и Лина Пашанку.

Приказната за Мизар  започна во 1981 година кога бендот беше основан во Скопје од гитаристот Горазд Чаповски, а името е добиено врз основа на истоимената ѕвезда од соѕвездието Голема Мечка, ѕвезда водилка за многу патници.

Во својата долга историја, Мизар има пет албуми кои ги нарекува „откровенија“, сите со различни пејачи. Во 1991 година групата го објавува вториот албум „ Свјат Dreams” кој ја донел необичната обработка на „Sweet Dreams“ на Јуритмикс, обработката на народната „ 1762 лето“ и „Дом“ на Ристо Вртев. Во 2002 година групата повторни се обединува под името „Мизар-трето откровение“, при што во групата се собрале сите музичари кои членувале во неа во различни фази. На почетокот на 2003 та„Мизар“ го објавил синглот „Почесна стрелба“, кој во многу краток период ги срушил сите рекорди на популарност.

Во 2015 година излегува документарниот филм „Мизар: Ѕвезда на надежта“. Покрај Горазд Чаповски (гитара), сегашниот Мизар го сочинуваат Зоран Тортевски (вокал), Пеце Китановски (бас), Златко Симиониски (тапани).

Иако Мизар е првенствено рок бенд, во нивниот звук се провлекува македонскиот етно мотив во мрачна атмосфера и византиска традиција на длабоки вокали засновани на старо словенско црковно пеење.

Бендот е со сигурност еден од пионерите на dark звукот на овие простори, дури и по 40 години, создава и изведува подеднакво моќно, предводен од длабокиот вокал на Зоран Тортевски, со кој интерпретира специфичен израз базиран на словенско црковно пеење.

По повод јубилејот оваа година беше промовирана и монографијата „Мизар – Откровенија 1981-2021“ новото капитално дело на музичкиот новинар и хроничар Тошо Филиповски.