Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Собранието организира средба со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.
„Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус“ стоше во поканата до партиите.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека ќе присуствува на средбата, иако претходно посочи дека на неа треба да се разговара за реални прашања како економијата, сиромаштијата и енергетската криза, а не за уставните промени. Тој додаде дека е подготвен на средбата да ги брани ставовите на партијата.
„Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решение, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања“, изјави Мицкоски.
Левица ја одби поканата, Беса ќе одговори еден час пред најавениот почеток на денешната лидерска средба (12 часот), а поканата ја прифатија опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците.












