Локализиран пожарот кај Ротино

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Пожарот кој попладнево зафати делови од атарот на селото Ротино е локализиран.

Вечерва од општината соопштија дека со масовна интервенција на терен од страна на екипи на територијалната противпожарна единица, потпомогнати со едно противпожарно возило од Општина Ресен и од РЕК Битола, со механизација и возила од јавните претпријатија, со помош на вработените во Националниот парк Пелистер и локалното население, како и со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, не се дозволи негово проширување кон моликовата шума.

Градоначалничката Наташа Петровска, по одржаниот состанок со Кризниот штаб,  беше на местото каде што беснееше пожарот заедно со екипите кои учествуваа во неговото гаснење.

Петровска вели дека  со надчовечки напори на сите кои делуваа на терен, пожарот е ставен под контрола.

Сепак, екипи и вечерва ќе останат на локацијата со цел веднаш, превентивно, доколку во раните утрински часови повторно се појави пламен, да делуваат за да не дојде до негово проширување.

Во зависност од тоа каква ќе биде состојбата со пожарот во текот на ноќта и во раните утрински часови, така ќе бидат превземени соодветни мерки од страна на Кризниот штаб, односно изутрина ќе се одлучува дали и понатаму ќе се бара вклучување на воздухоплови за гаснење на огнот.

Share.