Мазник со паричка за Василица

Со мазник со паричка жителите на градот под Пелистер ја одбележуваат Православна Нова Година, како и празникот Св.Василиј Велики познат меѓу народот како Василица. Мазник со паричка се врти во сите православни куќи, угостителски објекти како и во работни организации. Според традицијата се става паричка во мазникот, се дели на онолку делови колку што има членови во семејството или собраното друштво, едно за куќата, едно за Господ, се врти трипати и секој си зема по едно парче. Верувањата се на онај на кој што ќе му се падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Овој празник се празнувал уште во првите векови на христијанството.

Осмиот ден после раѓањето, Христос бил однесен во храмот и обрезан. Во Стариот завет со тоа се запечатувала припадноста на народот наследник на Божјите ветувања.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четрвтиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина. Бил голем христијански философ, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Се упокоил во 379 година.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја.

Оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.

 

Сподели