Македонија вечерва ќе се бори за финалето на Евросонг

0
646

„Ај кју“ (Eye Cue) со песната Lost and found вечерва во арената „Алтис“ во Лисабон под реден број 11 ќе ја претстават Република Македонија на првата полуфинална вечер на 63. избор на песна на Евровизија 2018, на кој годинава учествуваат 43 земји.

Автор на музиката и текстот е Бојан Трајковски, гитарист, композитор и вокал во „Ај кју“ во кое членува заедно со пејачката Марија Ивановска и тапанарот Иво Митковски.

Автор на аранжманот на нивната композиција е продуцентот Дарко Димитров.

Вечерва со македонските претставници ќе се натпреваруваат уште 18 земји: Хрватска, Австрија, Грција, Швајцарија, Финска, Ерменија, Азербејџан, Исланд, Албанија, Белгија, Чешка, Литванија, Израел, Белорусија, Естонија, Бугарија, Ирска и Кипар.

Во финалето на 12 мај ќе се натпреваруваат 20 земји избрани во двете полуфиналиња и уште шест земји – домаќинот Португалија и големата петорка: Франција, Германија, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство. Од тие 26 земји ќе се избере победникот за 2018 година кој ќе биде и домаќин на следната Евровизија.