Македонија го почнува процесот на скрининг за преговорите со ЕУ

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Четириесет члена делегација од Македонија предводена од вицепремиерот Бујар Османи во четврток и формално ќе го започнат во Брисел скрининг процесот како подготовка за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ. Скринингот започнува со правосудниот и безбедносниот сегмент, па друштво на Османи ќе му прави и  министерката за правда Рената Дескоска. Ова ќе биде првата делегација, вели Османи, а до завршувањето на објаснувачкиот скрининг догодина, Брисел ќе го посетат над 33 делегации или 1000 лица од Македонија.

„Свесни сме дека ова е сериозен предизвика за Република Македонија и дека во наредниот период ќе има засилено темпо и интензитет на обврски, но и можност  да покажеме колку сме како земја за да се справиме со предизвикот  за усогласување со стандардите и вредностите на ЕУ “, вели Бујар Османи – вицепремиер

Владата објави јавен повик за надворешни експерти кои сакаат да се вклучат во процесот на преговори. Секој кој мисли дека може да помогне со своето знаење, ќе може да се запише во владиниот регистар и доколку има потреба да биде ангажиран.

„Целта на овој повик е создавање на база на сите заинтересирани лица со експертиза за едно или повеќе поглавја на правото на ЕУ, односно подрачја, теми и подтеми во рамки на поглавјата на правото на ЕУ кои ќе можат да бидат ангажирани повремено, привремено или постојано на пократок или подолг рок во текот на целиот процес“, вели Бојан Маричиќ – главен технички преговарач

Скринингот на сите поглавја треба да заврши до јуни 2019 година. Тој треба да покаже дали Македонија е подготвена за влез во ЕУ. Дури потоа ќе се знае дали и кога ќе почат преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.

 

Share.