Владите во голема мера не успеваат да ја запрат корупцијата констатира најновиот извештај на Транспаренси Интернешнл за степенот на корупција во годината што измина. Над 80% од светското население живее во земји со оценки на индексни поени под глобалниот просек од 43, што укажува на сериозни проблеми со корупцијата. А глобалниот тренд на слабеење на правосудните системи ја намалува одговорноста за јавните службеници, што овозможува корупцијата да напредува.
Ваквата оценка е идентична и за Македонија, беше соопштено на денешната прес конференција на меѓународната асоцијација во Скопје.
Во извештајот се нотира дека „во септември минатата година, Собранието на Македонија значително го поткопало судството. Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери“.
Згора на тоа, во извештајот се најдоа и настаните поврзани со обидот за смена на претседателката на Врховниот суд и настанте поврзани со Судскиот Совет.
„Корупцијата ќе продолжи да напредува се додека правосудните системи не можат да ги казнат престапниците и да ги држат владите под контрола. Кога правдата се купува или политички се меша во неа, народот е тој што страда. Лидерите / политичарите треба целосно да ја гарантираат независноста на институциите кои го почитуваат законот и се справуваат со корупцијата. Време е да се стави крај на неказнивоста на корупцијата“ вели како препорака Франсоа Валеријан, Претседател на Транспаренси Интернешнл.
„Секој резултат под 50 поени, согласно мерилата на Индексот на перцепција на корупцијата, во која група припаѓа и Македонија, укажува на сериозни корупциски проблеми во јавниот сектор“, рече претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија, Благоја Пандовски при презентацијата на извештајот.
Пандовски потенцираше дека судството и јавното обвинителство, кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против корупцијата повторно покажале ниска доверба кај граѓаните што е загрижувачки.
Од 180 земји што се рангираат како најнекорумпирана на врвот на листата со 90 бодови се најде Данска, а по неа следуваат Финска (87 бодови) и Нов Зеланд (85 бодови). На дното, пак, се: Сомалија (11), Венецуела (13), Сирија (13), Јужен Судан (13) и Јемен (16).
Интересен податок од извештајот е и што 23 земји – меѓу нив некои високо рангирани демократии како Исланд (72), Холандија (79), Шведска (82) и Обединетото Кралство (71), како и некои авторитарни држави како Иран (24), Русија (26), Таџикистан (20) и Венецуела (13) – сите се на историски најниско ниво според индексот на корупција оваа година.
Од земјите во регионот, пак, подобри од нас се Словенија (42. место, 56 бода), Хрватска (50. место, 57 бода), Црна Гора (63. место, 46 бода) и Бугарија (67. место, 45 бода). Полоши се: Босна и Херцеговина (108. место, 35. бода), Србија (104. место, 36 бода), Албанија (98. место, 37 бода), Косово (83. место, 41 бода).
Како што објасни Пандовски, скокот од 85. на 76. место на Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, не значи и реален напредок.












