Мартина Димоска од Кичево е првата Македонка, но и првата жена од Балканот, аналоген астронаут, односно личност која учествува во симулации за вселенски мисии. Таа беше дел од симулација на мисија на Марс на Универзитетот од Северна Дакота- Integrated Lunar Martian Analog Habitat поддржана од НАСА. Мартина е и главен организатор на НАСА Спејс Апс Челинџ Натпреварите во НАСА Глен Истражувачкиот Центар во Охајо и НАСА Амес Истражувачкиот Центар во Калифорнија. Таа беше прогласена за личност на годината за образование и наука, а го доби и признанието за Жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата.

Ние поразговаравме со неа околу тоа што значи Аналогна Астронаутска Мисија и Аналоген Астронаут, а еве што таа ни изјави:
„Аналоген астронаут е поединец кој одлучил да прави истражувања при аналогни астронаутски мисии, заедно со екипаж. Во зависност од истражувањата и околината во која се изведува Аналогната Астронаутска Мисија, може да се применат различни барања при одбирањето на кандидат што подоцна ќе постане аналоген астронаут. Аналоген Астронаут е посебен термин кој е насочен кон индивидуи што симулираат длабоки вселенски мисии, меѓутоа тука на Земјата. Во зависност од мисијата, има различни барања за спецификациите на Аналогните Астронаути, но најчесто тие се специјалисти во некоја област. Аналогните астронаути симулираат долготрајни вселенски мисии, во географски слични области со вистинските мисии што се планираат за идните вселенски истражувања, патувања на екипажот и населување на вселенски тела како Месечината и Марс.

На пример, за идна мисија на Марс, астронаутите треба да бидат далеку од Земјата повеќе од две години. Сите вклучени во мисијата, од организација до самите аналогни астронаути, треба да ги знаат одговорите на сите прашањата, колку се трае и како се ќе функционира. Кои системи треба да се одржуваат, кој е текот на научните експерименти? Кои потреби за исхрана и режими на вежбање ќе бидат од најголема корист? Кои психолошки фактори би можеле да ги попречат перформансите на екипажот? Сите овие одговори се тестираат најпрво на Земјата, затоа што тоа е побезбеден и полесен начин, а потоа се одбира најдоброто и најсигурното за вистинските мисии. Често, се прават и компаративни експерименти во блиска временска рамка, каде што се проценува како едно нешто реагира на земјата а како пак во вселената, од опрема, до материјали, растенија, дури и самиот екипаж е подложен на разноразни тестови.
Всушност, Аналогниот Астронаут станува „субјект“ во самата мисија, односно го „позајмува“ телото за научни цели, исто како што војниците го „позајмуваат“ своето при изведување на мисии. Ова е така поради многу причини.
Развивањето заштитни мерки за ефектите од вселенските летови често бара од човечките субјекти да го поддржат собирањето податоци. Истражувачите сакаат човечките субјекти (аналогние астронаути) на земјата да бидат што е можно поблиску до астронаутите кои што ќе ги вршат мисиите во вселената. Генерално, во мисии со реален научен импакт, се бараат аналогни астронаути што се психофизички спремни да ги издржат сите предизвици, се здрави, непушачи и може да ги поминат сите квалификациски тестови“.
Астронаутите редовно користат аналогни мисии при нивниот тренинг на кои се подготвуваат на поинаквиот начин на живот, изолацијата и екстремните вселенски услови.
Останатиот дел од разговорот со Мартина може да го погледнете на следниот линк.












