Македонија претпоследна во регионот по зголемување на вработеноста

0
136

Косово е лидер во регионот, со зголемување на вработеноста од  9,2 проценти, a Mакедонија предпоследна со раст од само 2,7 проценти. Во извештајот на Светска банка и Виенскиот Институт   за трендовите на пазарот на труд во Западен Балкан стои дека повеќе луѓе наоѓаат работа во Албанија, Србија и Црна Гора, а потешко во Македонија. Зад нас е само Босна и Херцеговина. Сепак гледано регионално, велат од Светска банка,  невработеноста е намалена од 18,6 проценти на 16,2 проценти, што е  историски најниско во некои од земјите.

„Сепак, и понатаму забележуваме високи стапки на луѓе кои не се вработени, кои не се уклучени во образованието или во програмите за обука и потребно е да најдеме начини за нивно поврзување кон идните можности“, вели Линда ван Гедер, директор на Светската банка за Западен Балкан.

Државниот завод за статистика објави дека во Македонија речиси еден милион лица се способни за работа. Но според Анкетата на работна сила, 213 илјади седат дома без работа.

Најштешко се наоѓа работа на возраст од 25 до 49 години.

Според извештајот на Светска банка токму младите луѓе кои подолго време се без работа потешко се регрутираат на пазарот на труд. Тие, исто така, се соочуваат со разлики во платите, заработувајќи до 20 проценти помалку од оние што поскоро наоѓаат работа.