Македонска вечер во Кушадаси, Турција

0
1039

Со македонска песна и оро, иселениците од Македонија во Турција сеуште ја негуваат македонската култура и традиција.

По 13-ти пат во туристичкото место Кушадаси се одржа македонска вечер која ја организираа членовите на здружението Ѓултепе од градот Измир.

Во Измир живеат повеќе од 300.000 иселеници од Македонија кои што во 40-тите години на минатиот век се преселиле на овие краишта.

И по многу години, турците иселеници од Македонија сеуште го говорат македонскиот јазик, а македонската култура се пренесува од генерација на генерација.


Хусеин Караташ е еден од многуте иселеници од Македонија што живеат во Измир. Неговите родители живееле во Битола, но со повелкувањето на турците од Балканот, неговото семејство се преселува во Измир. Тој пред камерата на ТЕРА вели дека македонскиот јазик го научил од неговата баба, но и дека носталгијата за Македонија сеуште тлее кај секој од иселениците што живее во Турција.


Најголемата желба на македонските иселеници во Турција им е да добијат македонско државјанство, што значи дека нема да си ги загубат корените и дека по 50 години повторно ќе бидат она што се – Македонци. 66-годишниот Назми Одер кој по потекло е од Демир Капија, вели дека доколку би можел би извадил македонско државјанство затоа што тој е роден во Македонија и за него таа претставува негова татковина.

Покрај градот Измир, иселеници од Македонија има и во градовите Истанбул, Маниса, Бурса и Ајдин. Сите повозрасни турци од Македонија во Измир со гордост раскажуваат за времето кога се преселиле во Турција. Тие и по повеќе од педесет години, сеуште се придржуваат до свадбарските и до религиозните обичаи кои ги донеле од Македонија.

Мартин Николовски