Македонски филм награден на ИФФК.Браќа Манаки со награда и на Sundance фестивалот

0
326

Kратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столевски, кој ја освои наградата „Мала камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“, со уште една престижна интернационална награда .
Имено режисерот Горан Столевски доби награда од жирито за најдобар краток филм во интернационална конкуренција на SUNDANCE FILM FESTIVAL 2018.

Филмот „Види ја ти неа“ (24-тиот краток филм на Горан) е приказна за младата девојка Анета која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето, вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал – скокање по крстот за Водици.
Столевски е режисер роден во Македонија, дипломирал на универзитетот во Мелбурн, а завршил филмска и телевизиска режија на Викторијанскиот колеџ за уметности во Мелбурн. Живее и работи на релација Австралија-Велика Британија.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Пируника Киселички, Жарко Јовановиќ, Антонија Белазелкоска, Иво Антов, Виктор Арсов, Игор Ангелов, Симон Манасковски, Изабела Новотни, Милица Стојанова и Горан Илиќ.

Продуценти на филмот се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски. Филмот е во продукција на Црна мачка продукција, копродукција со Скопје филм студио, а финансиски подржан од Агенцијата за филм на РМ.

По селекцијата во Интернационалната компетиција на Филмскиот фестивал во Санденс  каде  имаше 4 проекции, кратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски  влезе и во официјалната програма на најпрестижниот фестивал на светско ниво посветен на краткиот филм кој веќе четириесет години се одржува во Клермон – Феран во Франција. Станува збор за единствениот фестивал од А категорија специјализиран за краток филм, според FIAPF – Интернационалната федерација на асоцијации на филмски продуценти овластена за категоризација на фестивалите.

Почетоците на Интернационалниот фестивал на краток филм Клермон – Феран, во организација на асоцијацијата Sauve qui peut le court métrage, датираат од 1979 година, кога Филмското друштво при Универзитетот во Клермон – Феран организира Недела на краток филм – настан кој би прифатен со голем ентизијазам од страна на публиката и кој одговорил на очекувањата на многу професионалци. Фестивалот добива интернационален карактер во 1988 година кога покрај компетицијата на француски филм воведува и интернационална компетиција, која опфаќа филмови од другите земји. Низ годините прераснува во една од најзначајните платформи за кратката форма, а до својата триесетгодишнина е домаќин на публика од преку два милиона, илјадници филмови и стотици филмаџии. Денес, Клермон – Феран е најголемиот и најважен специјализран фестивал за краток игран филм, во смисла на посетеност и присуство на професионалци од сите страни на светот, но пред сè од аспект на квалитет и значајност.
На овој фестивал се откриени многу нови талентирани режисерски имиња, кои подоцна изградиле успешна филмска кариера. Токму затоа ова е огромен успех за „Види ја ти неа“, кој се вброи меѓу 73-те наслови во интернационалната компетиција, селектирани од вкупно 8696 пријавени кратки филмови. „Види ја ти неа“ ќе има осум проекции во рамките на 40. Клермон – Феран ИФКФ, кој ќе се одржи во периодот од 2 до 10 февруари 2018 година.