ТЕРА

REKLAMA???

МАРИЧИЌ: УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ НЕ СЕ ЗАМЕНА ЗА РЕФОРМИТЕ

„На Седницата на Влада имавме долга дискусија на темата околу инцидентот со македонската навигација и се донесоа соодветни одлуки. Она што е битно во овие ситуации е навистина објективно да се гледаат работите. Има области каде што можете да правите компромиси и области каде што не можете да правите компромиси. Секако дека овие стручни и високо квалификувани и дефицитарни професии и области како што се контрола на летање, медицина не трпат никакви импровизации, никакви политички или партиски препукувања и затоа во таа насока и се донесоа тие одлуки“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на Утринска програма на Канал 5.

Тој додаде дека никој не оспорува ничија компетентност, но дека менаџирањето на компанијата треба да оди подобро во интерес на безбедноста на државата.

„Не е спорно дека треба да направиме многу во тие области и не треба да дозволиме во овие клучни области да има какви било инциденти или проблеми и брзо да ги решаваме кога ќе се случат. Не треба да ги доведуваме во прашање тие работи дека ние треба да ја средиме контролата на летање наместо да правиме уставни измени. Тоа не се исклучиви работи. Ние треба да си ја средиме државата по повеќе основи, дел од основите ни е понапред дури и од некои членки на ЕУ, но секако дека треба да си ги решиме овие политички прашања, едно без друго не може“, потенцираше Маричиќ.

Тој додаде дека имало обиди да се среди државата без да се решат политичките прашања, но само се удирало во ѕид.

„Не можат уставните измени да ги заменат реформите, ниту реформите да ги заменат овие политички прашања. Сите вакви ситуации добро е што излегуваат на површина за да бидат соодветно решени, за да институциите добијат една своја сила како ги решаваат овие проблеми. Донесовме соодветни одлуки коишто ќе ја извлечат М-НАВ од ситуацијата во којашто е“, заклучи Маричиќ.

Тој вели дека во процесот на евроинтеграции треба да одиме со повеќе самодоверба затоа што ние навистина припаѓаме таму.

„Сите три изминати години од 2020 наваму беа кризни години од различни причини. Пандемијата го примени животот и начинот на којшто функционираме и како гледаме кон нештата. Тоа беа тешки години и ние направивме и како држава и како институции многу за да излеземе од тие кризи поуспешно од некои други држави. Во процесот на евроинтеграции треба да влегуваме со повеќе самодоверба затоа што ние навистина припаѓаме таму. Тоа не е нешто што некој треба да ни го додели или со една недоверба дека никогаш нема да  влеземе во Европска Унија“, изјави вицепремиерот.

Тој додаде дека има многу соседни нации коишто станале членки на ЕУ благодарение на тоа што им  се погодиле коцките на геостратешки план и затоа што вложиле напор да го трансформираат своето општество и држава.

„Не е тоа ништо недостижно, ниту нешто што ние не можеме да го направиме. Напротив, јас сум често во Брисел и во држави членки на ЕУ и не сме ништо помалку вредни, ништо помалку способни од сите тие други нации коишто веќе го направиле тоа. Често ја споменувам како пример Хрватска, но и другите во опкружувањево. Хрватска денеска е сосема поинаква држава од пред 10 години кога влегоа во ЕУ, за Бугарија и Романија не сакам да зборувам. Првпат сум бил во Бугарија во 2000 година кога се уште не се признаваа осигурувањата за коли, кога не можевте со кола да одите безбедно. Денеска е сосема друга ситуацијата. Денеска функционираат како секоја европска држава“, потенцираше Маричиќ.

Тој додаде дека и понатаму во овие држави има проблеми, и дека никогаш нема да станат Германија, како што ниту нашата држава нема да стане Германија.

„Има многу работи коишто можеме да ги направиме за да функционираме подобро, па да се приближиме барем до една Хрватска и Словенија. Ние направивме максимум без уставни измени. Го завршивме скринингот, увидовме каде ни се грешките, каде може да направиме повеќе и да го завршиме тоа заради нас, заради младите генерации“, заклучи Маричиќ.