Мартин Николовски, новинар во македoнската редакција на Гласот на Америка со седиште во Вашингтон Ди-Си е добитник на годинешната награда за новинарство што ја востанови семејството на битолскиот доајен во новинарството Тоде Петрески.

Во организација на Битолски весник денеска , по 20 пат беше доделена наградата за новинарство. Институирана од семејството на битолскиот новинар Тоде Петрески и весникот „Битолски Весник“, а наградата е признание за посветеноста, придонесот и извонредноста во професијата. Се доделува на новинари, без разлика дали се дел од печатените, електронските или дигитални медиуми.
Во анализата на работата на годинешниот добитник впечатливи се репортажите кои Мартин Николовски ги изработува во медиумите во кои работел, особено сега во американскиот најстар радиодифузен сервис Гласот на Америка, рече Менде Младеновски, од „Битолски весник“ во чија организација се реализира церемонијата на доделување на оваа значајна награда.
Мартин Николовски е добро познат лик за македонската, но особено за битолската јавност. 13тина години, на свои 13 , со својата тогаш соученичка Лидија Павловска (сега советник во битолскиот Совет) ја создавале емисијата за деца и младинци на Тера телевизија насловена „ Детски парламент“.
По завршувањето на средно образованието го продолжи на факултетот за новинарство во Анкара, неколку години работел во националните медиуми, пред да ја добие поканата да стане дел од тимот на Гласот на Америка на македонски.

„Навистина сум среќен што 20та по ред , јубилејна награда што ја доделува„ Битолски Весник“ која го носи името „Тоде Петрески“, оваа година редакцијата на весникот одлучи да ми ја додели мене. Среќен сум што сум еден од најмладите новинари што ја добива оваа награда и тоа што навистина претставува за мене особена ќест затоа што знанм дека сум на сигурен пат.“ – рече Мартин Николовски, непосредно пред наградата да му биде врачена.
Иако Мартин и Тоде Петрески не го практикуваа новинарството во исто време, професијата секојдневно е исправена пред предизвици, радосни, тажни и нервозни моменти, за кои сведочат сопружниците на луѓето кои решиле да бидат гласот и совеста во општеството.
Професорката во пензија Снежана Петровска со присутните сподели дел од нејзините патешествија како сопруга на новинар – чувствата и неизвесноста кога битолското обвинителство го испитувала Петрески за текстот со кој ја најавил забраната на театарската претстава „Свадбата на Мара“ на авторот Владимир Костов заради политтичкиот заклучок од југословенско време дека е навредлива за државата.
Таа ни рече -„За мене беше инспирација на животот, ние некако професионално, барем со книжевноста се надополнувавме. Бевме еден редок тандем како пар. Секогаш тој ја следеше мојата работа, јас неговата.
“ Иако слични, сепак се различни приликите во медиумите и со новинарите денес, а општиот впечаток за новинарството е дека е на малку климави нозе. „Не е малку на климави ноѕе, климаво е. Филозофијата, религијата на Тоде беше дека се поклонува во животот само на вистината како новинар. Меѓутоа факт е дека сега вистината не мора да биде вистина оти имало повеќе гледни точки вистината што не е точно, ниту по античката философија ниту во животот, секогаш е една вистина и зависи кој како ќе ја прифати. Лагата е дискутабилна секогаш, таа живее еден ден ама другиот ден не живее. Вистината и да не победи таа живее вечно како и луѓето што ја шират. “ – вели проф. Снежана Петреска.

Кариерната приказна на Мартин Николовски е приказна за талентирани млади луѓе кои многу рано во својот живот откриле што ќе бидат кога ќе пораснат. Имањето цел подразбира визија. Наградата ќе го инспирира за продолжување на посветеноста.
„Најважно од се е да се биде истраен, да се има волја, да се биде истраен затоа што од самиот старт треба да се собере искуство за да се научи оваа професија и да има поддршка и од самата редакција, уредниците и од постарите колеги новинари. Сметам дека само таков еден начин ќе може да се стане добар новинар“ – одговори Николовски на прашањето како може младите новинари да станат добри во професијата.
Мартин испрати и порака до сопствениците на медиумите, локални, регионални и национални повеќе да инвестираат до младите и да ги менуваат условите за нивна работа, да се мотивираат младите да бидат дел од новинарствоито и најважното, слободата на печатот, на медиумите да биде на прво место.
Македонските и битолски новинар Тоде Петрески ненадејно почина на 30 мај пред 20 години. Тој долги години беше дописник на Радио Скопје од Битола. Како новинар неколку години беше уредник на Дојче Веле во Келн, Германија, а и на белградскиот дневен весник „Политика“.












