МВР го бара со потерница, обвинителството се сомнева во помагање на сторител

Министерството за внатрешни работи на официјалната интернет страница денеска ја објави националната потерница по Сашо Мијалков кој од вчера е недостапен за полицијата.

На поранешниот шеф на УБК вчера му беше определена мерка домашен притвор со 24-часовен надзор, но полицијата од вчера не може да го пронајде. Поради ова, Министерството за внатрешни работи распиша национална потерница

Во врска со издржувањето на мерката куќен притвор на обвинетиот Сашо Мијалков, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја информира јавноста дека во моментот на завршување на главната расправа за предметот Таргет-Тврдина, обвинителите кои постапуваа во предметот немале никакви индиции дека обвинетиот подготвува бегство. Но и покрај тоа, по завршување на главната расправа, со цел да се преземат превентивни мерки, го известиле Министерството за внатрешни работи дека главната расправа е завршена.

Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23:00 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12:00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, предметните обвинители во 14:30 часот се упатиле во Основниот кривичен суд – Скопје, каде во 15:00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од страна на обвинителството  е примено во 18:45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган.

Околу 21:20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден.

Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија.

Сподели