Медиумската писменост во Македонија

0
249

Едукацијата за медиумската писменост е неопходна во основното и средното образование во земјава, но прашањето е како таа да се постави во рамките на образовниот систем, при што се појавуваат многу пречки кои бараат заедничка акција за нивно надминување.

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во партнерство со Институтот за различности од Лондон и дневниот весник „Нова Македонија“, ја организира конференцијата „Медиумската писменост во Македонија: во или надвор од образованието“.


На конференцијата се дискутираше дали и колку е присутна медиумската писменост во нашиот образовен систем во однос на неодамна усвоената Сеопфатна стратегија за образованието 2018-2025 и тековните реформи на Министерството за образование и наука.

На конференцијата се дискутираше и за тоа, дали таа да биде посебен предмет или не, и беше посочено дека во часовите по македонски јазик веќе се зачнуваат и теми од медиумската писменост, со цел на учениците да им се помогне во справувањето со лажните вести и политичките манипулации кои секојдневно се појавуваат во медиумите.


На настанот се презентираа иницијативите на осумте граѓански организации и осумте медиумски партнери во рамките на Коалицијата за медиумска писменост, која во 2016-тата ја основа Високата школа. Нивните заеднички активности беа поддржани со грантови од Европската Унија, за да ја унапредат медиумската писменост во земјата. Во изминатите осум месеци, преку овие иницијативи, се продуцираа различни медиумски содржини креирани од и за маргинализираните групи граѓани. Исто така имаше едукативни активности за младите да можат критички да ги перципираат вестите и да умеат да ги препознаваат професионалните новинарски стандарди.