МЗ: Утре започнува скринингот на учениците, први ќе се тестираат средношколците во Скопје

Утре ќе започне скринингот на учениците во 9 средни училишта во Скопје. Во текот на утрешниот ден ќе се тестираат 258 средношколци, а низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа.

Тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута. Истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина.

Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид 19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата.

Министерството за здравство апелира на безрезервна поддршка од страна на родителите при давање на потребната согласност. Скринигот ќе обезбеди безбедно одвивање на наставата и заштита на здравјето на децата.

Министерството соопшти дека со скрининг со брзи антигенски тестови ќе бидат опфатени 8.178 ученици во 80 општини и градот Скопје, во рамки на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средни училишта.

Со скринингот за Ковид 19 ќе бидат опфатени 364 основни и 109 средни училишта.

Сподели