Мигранти на капиите на Америка

0
592

По едномесечното патување низ Мексико, караванот со повеќе стотини мигранти од Централна Америка пристигнал до американската граница. Мигрантите сега ги чека тежок избор и треба да одлучат дали илегално ќе преминат во САД, ќе побараат азил на границата или ќе останат во Мексико.

Американските гранични власти наведуваат дека некои луѓе се фатени како илегално се обидуваат да се провлечат низ оградата на границата и ги охрабруваат останатите да се предадат на властите, пренесува “Reuters”.

“Ние сме многу гостопримлива земја но исто како и во вашата куќа, ние очекуваме да влезете од главата врата и искрено да одговорите на некои прашања”, рекол началникот на патролата во Сан Диего, Родни Скот.

Поголем дел од групата од околу 400 патници кои пристигнале во граничниот град Тихуана со автобуси претходните денови велат дека сакаат легално да побараат азил во Сан Диего. Многумина се плашат дека ќе бидат раздвоени од членовите на своите семејства.

Адвокатите од хуманитарните организации им даваат советодавна помош на мигрантите и им кажуваат кој има шанси да добие азил во САД, додека останатите ги советуваат да останат во Мексико.

Мигрантите од Хондурас, Гватемала и Салвадор на патот од 3.200 километри тргнале од Тапучали кај границата со Гватемала кон крајот на март, и покрај предупредувањата на претседателот Доналд Трамп.