Милевски: Водовод ќе потроши 600 илјади евра за нова зграда надвор од градот

Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Пеце Милевски вели дека сме сведоци на уште еден промашен проект на локалната власт во Битола.
„Управната зграда на ЈКП “Водовод” – Битола не само што не е проект од приоритет за граѓаните на Битола, туку раководството на претпријатието со амин од Наташа Петровска ќе потроши близу 600 000 евра наши пари на локација надвор од градот и во целост отсечена и недостапна за граѓаните на Битола.
Денес по скоро 4 години локална власт на СДСМ во ЈКП “Водовод” – Битола битолчани плаќаат четврта година по ред поскапа вода за пиење, нема ниту километар новоизградена мрежа, загубите на вода се над 50 %, ама пак затоа има партиски вработувања и нова управна зграда од 600 илјади евра.
Милевски прашува и каде ќе се сливаат фекалиите од новата управна зграда ако, како што вели се знаело дека сите куќи на улица 16-та не се поврзани на градската канализациона мрежа? Револтот на битолчани е огромен а одговорност ќе има веднаш по поразот на СДС и доаѓањето на новата локална власт и победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во октомври“ рече Милевски.

 

Сподели