Милевски: Имаме потенцијал уште да напредуваме

Селекторот Благоја Милевски е задоволен од изданието на неговите избраници на вечерашниот натпревар со Исланд.

Тој им го честиташе пласманот во баражот на репрезентативците за кои е убеден дека располагаат со квалитети за поголеми успеси.

„Честитки до моите фудбалери. За успехот е заслужен и мојот претходник Игор Ангеловски и играчите кои беа дел од овој квалификациски циклус. Раниот гол на Алиоски ни ја олесни работата. Исланд е сериозна репрезентација и бевме свесни дека до крајот моравме да бидеме максимално концентрирани. Ние доминиравме во текот на целиот меч и задоволен сум од сите кои добија шанса. Сепак ќе кажам дека не сме стигнати до нивото кое јас го посакувам. Имаме потенцијал да напредуваме уште и сите се ставени во функција на такво нешто. Јас уште од самото доаѓање на селекторската функција верував во квалитетите на нашите фудбалери и тие целосно ја оправдаа довербата“, рече Милевски.

Ждрепката за групите во плејофот ќе биде извршена на 26 ноември, а натпреварите ќе се играат во март следната година.

Сподели