Милевски: Ќе бидеме вистинско изненадување в недела

Задоволен сум од приемот што го имавме кај граѓаните и од средбите што ги одржавме добивме уверување дека во оваа кампања, ова движење и јас како кандидат за градоначалник, сите ние ќе постигнеме многу добар успех и ќе бидеме вистинско изненадување на локалните избори, изјави Горан Милевски од движењето „Одлучно за промени”.

Кандидатот за градоначалник на Битола, Милевски посочи дека граѓаните го имаат последниот збор и тој е уверен во нивната доверба што ја имаат кон нив.

„ЛДП и ДОМ имаат советничка листа која произлегува од граѓаните и ќе работат за интересите на граѓаните, а јас како кандидат за градоначалник целосно ќе се посветам во активноста да го продолжиме чесното работење на актуелната градоначалничка, да ги завршиме проектите што таа ги започнала и да направиме нови проекти. Ќе ја отвориме општината за граѓаните, ќе го помагаме спортот и културата и другите области што ги ветивме со оваа програма затоа што народот тоа од нас го очекува. Градот се развива и има нови потреби, а ние ќе излеземе во пресрет на тие барања за Битола да биде модерен град каков што заслужува да биде“, истакна Милевски.

„Граѓаните во Битола и низ другите градови низ земјава ја препознаа чесната намера и визијата на движењето Одлучно за промени. Нашата отвореност кон граѓаните, кон граѓанските здруженија и кон експертите овозможи масовно приклучување кон нашето движење и во таа смисла мислам дека ја постигнавме нашата цел, да ги обединиме сите без разлика на етничката, партиската припадност или професионална кариера. За Битола имаме одличен тим со чесни и добронамерни луѓе кои ќе се посветат во реализирање на потребите на граѓаните, а не како што често се случувало во овие 30 години, гледање на лични или бизнис интереси. Тоа е одлика на нашите кандидати, работа во интерес на граѓаните. Со нас во Битола ќе се врати сјајот на градот, а предводен со Горан Милевски ќе придонесе во развојот на градот, град со дигитализација, заштитено културно наследство и со голема понуда за младите„, рече Маја Морачанин претседател на ДОМ.

Сподели