Милош Земан: „Да не се лажеме, и Чешка има произведувано Новичок“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Чешкиот претседател Милош Земан изјави дека во Чешка е произведена и тестирана мала количина на отровот Новичок.

Безбедносната информативна служба чија задача била да ја истражи чешката трага на аферата со со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ констатирала дека до тоа не дошло.

„Во ноември минатата година во истражувачкиот воен институт на Министерството за одбрана во Брно тестиран е нервниот отров означен како A230. Количината на произведениот отров била релативно мала, а по тестирањето тој отров бил уништен. Воениот институт и државниот институт за нуклеарна безбедност тврдат дека тоа не било Новичок . Но, добив извештај од воената одбранбена служба, каде што експлицитно се вели дека е Новичок“, рече Земан во редовното неделно интервју за приватната телевизија Барандов.

Чешкиот претседател заклучи дека воената разузнавачка служба е запознаена подобро со тој проблем од цивилната контраразузнавачка служба БИС и се приклонил кон нивното мислење.

„Заклучив. Кај нас бил произведен и тестиран Новичок, во мала количина, а потоа бил уништен. Знаеме каде, знаеме кога и лицемерно е да се преправаме дека кај нас тоа не било. Нема потреба за лаги. Не прашав зошто е проучуван, но знам дека тестирањето е запрено и потоа не е продолжено“, рече Земан.

Претседателот на Чешка, како и останатите чешки високи функционери, ги отфрли како клевета обвинувањата на Русија дека Скрипаљ и неговата ќерка во Солзбери биле отруени со материја позната како Новичок а која не мора да биде од Русија, туку можеби и од Чешка.

Земан, меѓутоа, во март од БИС побарал во рок од еден месец да му поднесат извештај дали има вистина во руските обвинувања и дали во Чешка има произведено, складирано и тестирано отров Новичок.

„Не би ми сметало Новичок да е тестиран кај нас бидејќи имаме одлична хемиска единица“, рече Земан денес.

Шефот на Воениот комитет на НАТО, генералот Петар Павел, за чешкото радио денеска изјави, пред интервјуто на Земан дека не му смета што претседателот Земан од разузнавачките служби побарал да испитаат дали во Чешка претходно е произведен и тестиран отровот од скандалот Скрипаљ но дека не е во ред за тоа што зборува во медиумите.

„Ние како сојузници треба да ја поддржиме Велика Британија и во моментот кога самите немаме јасни докази дека во тоа е вмешана Руската Федерација. Ако еднаш одлучивме да бидеме дел од едно семејство, семејството на западните земји – семејство треба да биде единствено“, изјави чешкиот генерал Павел.

Share.