Милчо Манчевски ќе снима во Македонија

0
456

Режисерот Милчо Манчевски ќе го снима првиот македонски  филм после осум години, по „Мајки“ во 2010. Најнаградуваниот македонски автор е поддржан со 1, 2 милиони евра од Агенцијата за филм на Македонија за неговиот шести филм „Врба“, во продукција на „Сектор филм“ и продуцентот Владимир Анастасов-Вац.

Последниот филм на Манчевски „Бикини Мун“ е американско-германска копродукција и пред три месеци имаше светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, а наскоро ќе има и кино-дистрибуција низ светот. Пред „Бикини Мун“, изминативе години Манчевски во Њујорк го сними краткиот „Четврток“, а во Куба експерименталниот краток „Крајот на времето“, прикажан на ИФФК.Браќа Манаки.

Агенцијата за филм ги објави резултатите од последниот конкурс објавен на 22 ноември, според кој се одобрени: 3 долгометражни играни филмови, 5 долгометражни копродукциски проекти со македонски малцински удел, 2 документарни долгометражни филмови, 5 краткометражни играни филмови, и по 1 краткометражен документарен и анимиран филм.

Покрај Манчевски, долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел ќе снимаат и Вардан Тозија, филмот со наслов „М“ во продукција на „Фокус покус“и дебитантката Дина Дума со „Сестра“ во продукција на „Круг филм“ на Марија Димитрова и Дејан Крајчевски .

Режисерите Игор Иванов, Агим Абдула и Георги М. Унковски ќе снимат кратки играни филмови со македонски мнозински удел: „Љубовникот“ , „Совест“ и „Налепница“ .

Од Агенцијата додаваат дека на конкурсот пристигнале вкупно 73 филмски проекти, меѓу кои 48 долгометражни и 25 краткометражни филмови. Дванаесет проекти по различни основи не ги исполниле условите за да влезат во процесот на евалуација.

По процесите на одлучување, врз основа на бодувањето од професионалните рецензенти не поминале 26 апликации, вклучувајќи долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови.