ТЕРА

REKLAMA???

МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИ ВО ПОСЕТА НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ

Почетокот на новата академска година на УКЛО започна со посетата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, што коинцидира со првиот работен ден на ректорот на УКЛО проф. д-р Игор Неделковски.

Заблагодарувајќи се за укажаната чест, ректорот Неделковски изрази уверување дека студентите на УКЛО и новата 43. генерација бруцоши ќе имаат успешен и плоден академски живот, академска година во којашто мотивираноста на професорите и успешната соработка со МОН ќе помогнат за непречена наставно – образовната дејност, особено затоа што и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири е универзитетски професор и ги познава предизвиците во високото образование.

-Како Универзитет почнуваме 43 академска година, иако некои универзитетски единици наближуваат кон 100 годишен јубилеј. Запишавме 1.100 бруцоши, што е благ пад на бројот на запишани студенти споредено со минатата година, но тоа се случува на сите македонски универзитети пред се заради демографските текови, како и отворањето на границите кон странските универзитети кои минатата година заради ковид-пандемијата не беа достапни за студенти од странство. Ние како Универзитет ќе бидеме задоволни доколку ја задржиме оваа бројка за запишани студенти во наредниот период, но посебен акцент во мојот мандат ќе дадеме на втор и трет циклус студии, односно магистерски и докторски студии каде има простор за развој, истакна ректорот Неделковски.

Според министерот Шаќири, успехот во високото образование може да биде поголем со заеднички ангажман на сите, а МОН ќе помогне за подобрување на условите за студирање.

-Чест е од Битола, од Универзитетот „Св.Климент Охридски“ да се честита новиот почеток и посака успех на студентите во новата академска година. Задоволство е што на сите универзитети во земјава со физичко присуство ќе се реализира наставниот процес. Во мојата агенда утврдена е намерата за посета на сите високобразовни установи, а изборот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ за прва институција е затоа што таа има дадено голем придонес во високото образование на нашата земја. Сите заедно, од новиот ректор и комплетниот наставен кадар, треба да се придонесува во успехот на образовниот процес, а ние ќе придонесеме за подобри услови за студирање, истакна министерот за образование и наука Шаќири.

Во рамки на посетата на УКЛО, министерот Шаќири оствари работна средба со претставници од Ректорската управа, Сенатот на УКЛО и  Универзитетското студентско собрание.

Централната свеченост по повод академскиот почеток се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје кој одбележува 45. годишен јубилеј. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски упати топло и срдечно добредојде до бруцошите, сите студенти и вработени на УКЛО, настан на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Потоа ректорот Неделковски присуствуваше и се обрати и на Првиот академски час на Правниот факултет во Кичево, истакнувајќи дека УКЛО ќе ги стимулира студентите поактивно да се вклучуваат во сите процеси и ја потенцира определбата за нивно понагласено место како најзначаен дел од академската заедница.