Мирно утро на Косово, косовските Срби излегуваат од владата на Харадинај

0
369

Ноќта и утрото во Косовска Митровица засега минуваат мирно, а на смирување на тензиите по вчерашните настани повика и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Како што јавуваат српските медиуми, политичките претставници на косовските Срби утринава тргнале кон Белград, каде претседателот на Србија и државниот врв ќе ги информираат за одлуката да ја напуштат косовската влада. Средбата треба да почне во 11 часот.

Ситуацијата утринава во Косовска Митровица е мирна, но сепак има тензии, јавуваат регионалните медиуми. Србите поставиле блокада на магистралниот пат Приштина-Рашка, додека на преминот Јариње се „заглавени“ околу 50 камиони.

Припадници на специјалните полициски сили, познати како РОСУ, и утринава се присутни на улиците, но во јужниот дел на Митровица.

Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада Марко Ѓуриќ беше уапсен вчера околу 17 часот во Косовска Митровица. Косовската полиција под полна опрема влезе во просториите каде што се одржувала округла маса за внатрешниот дијалог за Косово. Тие фрлија солзавец, кршеа стакла и под закана со оружје го уапсија Ѓуриќ. Во инцидентот се повредени околу 30 лица.

Ѓуриќ најпрво беше префрлен во Приштина, каде што беше испрашуван и потоа протеран во централна Србија, каде што го презеде српската полиција.

Во Косовска Митровица вчера беше исклучително напнато по апсењето на Ѓуриќ, во градот се слушаа сирени а снимките со бруталното апсење го обиколија регионот.

mkd.mk